Македонија
28. September 2019 - 9:57

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Стево Пендаровски по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката заедница во Република Северна Македонија.

– Нека ни е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците. Со особена гордост го празнуваме овој значаен ден водејќи сметка за историјата, културата и за традициите на бошњачкиот етникум кој е нераскинлив дел од нашето мултикултурно општество. Сите ние, поединечно, без разлика на која етничка група или религија припаѓаме сме одговорни да ги негуваме почитта и меѓусебното разбирање, потврдувајќи дека нашата држава и понатаму е пример дека различностите се најголемо богатство, се вели во честитката. 

Во честитката од Пендаровски се наведува дека Република Северна Македонија заслужува да биде развиена и модерна европска држава, заедница на среќни граѓани.

– Затоа ве повикувам како и досега, да продолжиме посветено да градиме општество еднакво за сите и заедно да работиме за подобра и посветла иднина. Тоа си го должиме себеси и на генерациите што следат. Верувам дека заедно можеме да ја оствариме визијата за стабилна и просперитетна Република Северна Македонија, стои во честитката од претседателот Пендаровски.