Македонија
11. May 2021 - 16:38

Чешка нуди помош но нема разбирање за бугарските позиции

Чешка нуди помош во решавање на историскиот спор меѓу Македонија и Бугарија. Велат дека имаат слично искуство и можат да понудат идеи како да се надмине проблемот. Сепак, посочуваат дека немаат разбирање за бугарските историски условувања.

Министерката Шекеринска очекува Бугарија час поскоро да биде подготвена да се најде решение, бидејќи регионот не може да биде на статус кво чекајќи ги сите избори.

Целта на денешната средба на министрите за одбрана на Македонија и Чешка е да се продлабочи соработката меѓу овие НАТО сојузнички. Чешка ќе модернизира четири хеликоптери на македонската Армија и МВР, а ќе и помогне на земјава со опрема за противхемиска заштита и во делот за заштита на тајните информации според НАТО стандарди. Македонија, пак, ги покани чешките вооружени сили во воени вежби на полигонот Криволак и понуди заеднички да се користи Центарот за односи со јавност во Скопје, што во иднина ќе се трансформира во центар за борба против лажните вести.