Бизнис
28. December 2017 - 10:34

Челичната индустрија, металургијата и рударството двигатели на развојот во земјата

По неколку месечниот пад на производството, стопанството во Македонија се консолидира, а челичната индустрија повторно е предводникот што ја влече земјата напред, порачува Митко Кочовски, претседателот на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.
 
- Во челичната индустрија се чувствуваат видиливи поместувања во смисол на заживување на пазарот, расте обемот на нарачки и има посериозно искористување на капацитетите што ќе донесе произведен аутпут, како што се поголемите количества, поголеми приходи и поголем извоз. Во металуршките комбинати Фени и Југохром состојбите се неповолни поради локални причини, стечајот и промената на сопственичката структура во Фени и еколошките проблеми на Југохром. Очекуваме да се изнајде решение за Фени и да се рестартира производството во полн капацитет, а Југохром напролет да почне со производство со што и вкупните состојби во индустријата ќе бидат подобри, смета Кочовски и додава дека Макстил првите девет месеци од годинава ги заврши со добивка од 3,5 милиони евра.
 
Според него, металургијата е гранка што кога расте ја влече целата економијата напред, но ја уназадува кога паѓа.
 
- Состојбата во металургијата во земјава во моментов е поповолна, но ефектите врз вкупната економија ќе се почуствуваат подоцна. На краток рок врз економијата ќе имаат влијание Арчелор Митал, Макстил и Дојранстил, како производители на челик и челични производи, а сите индустрии што се во функција на нивното работење ќе имаат динамизирање на нивните производни активности како снабдувачи. Во Арчелор Митал, Макстил и Дојранстил веќе имаме евидентен раст и на производството и на другите финансиски показатели. Кај металопреработувачките капацитети добро одат работите и многу брзо ќе се видат резултати. Кај Фени можеби на почетокот на идната година, а кај Југохром ќе почекаме да се рестартира производството, оценува Кочовски.
 
За натамошниот развој на металургијата во Македонија тој смета дека е неопходно да се овозможат нормални услови за работа базирани на економските законитости и потребите на европскиот пазар, како и да се решат прашањата поврзани со енергетиката, транспортот, инфраструктурата, екологијата и административните формалности за увоз на старо железо. Како најсериозен проблем со кој се соочува оваа гранки го посочува недостатокот на соодветно образувани кадри.
 
Рударството со успеси и покрај политичките турбуленции
 
Тековната 2017 година главно завршува успешно за рударскиот сектор и нема значителен пад на производството, иако турбуленциите во политиката имаа свој одраз, оценува Николајчо Николов, претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија. 
 
За рудникот Бучим 2017 година, нагласува, можеби ќе биде една од најуспешните во постоењето.
 
- Очекуваме да оствариме нето добивка од околу 19 милиони евра што ни дава можност за нејзино реинвестирање во отворање на нови рудници. На пат сме да го отвориме новиот рудник Боров Дол, што ќе ни овозможи континуитет на работа во наредните 20-тина години, изјави Николов.
 
Значително инвестирање, нагласува, има и кај другите рудници.
 
- Злетово и Тораница веќе работат и тие ќе го подобрат вкупниот биланс на работењето во стопанскиот сектор. Жалосно е што не работи Фени Индустри, бидејќи отидоа во стечај, а нивниот рудник е од поодамна затворен. Тоа влијае на вкупното работење на рударскиот сектор, но сепак сум оптимист дека 2017 година ќе ја завршиме успешно и успешно ќе влеземе со работа и во наредната година, потенцира Николов.
 
Рударството, како што вели, во вкупното индустриско производство учествува со 9,5 до 10 проценти, а во БДП со околу еден процент, но сепак рударскиот сектор има значително учество во македонскиот извоз.
 
 
Порача дека на рударството му е потребна помош од Владата за да си го заземе местото што му припаѓа во текот на наредната година, бидејќи, како што вели, се најде во ситуација невладини организации и здруженија да шират многу невистини за секторот.
 
- Затоа треба да седнеме заедно со невладините организации и да видиме дали ние како рударски сектор треба да се корегираме и што треба да направиме за да работиме поуспешно или да се корегираат тие што многу лесно даваат изјави дека сме рудници на смртта, посочува Николов.
 
Според него, нема земја во светот која нема рудници.
 
Производството на челик неопходно за покревање на степенот на економска развиеност
 
Железарницата во Скопје и челичната индустрија имаат извонредни влијанија врз вкупните макроекономски показатели во земјава, вкупното домашно производство, БДП, извозот, вработеноста, буџетските приходи, вели Кочовски.
 
- Во некои години пред големата криза оваа индустрија имаше фантастични влијанија самата врз себе, а преку поврзаните индустрии на влезната и излезната страна ефектите петкратно се мултиплицираа. Не може да биде прифатено ниту едно тврдење дека оваа индустрија немала генерирачки ефекти и немала влијание на вкупната економија во земјава, потенцира Кочовски.
 
Не постои, додава, земја во светот што во својата индустриска има инфраструктура челична индустрија а која немала бенефити во периодот на повоената обнова и изградба  и не постои земја во светот која преку земјоделството го покренала степенот на нејзината економска развиеност. 
 
- Челичната индустрија и денеска е темелот на реиндустрилиализацијата и на европската економија токму заради репродукциските поврзаности што ги развива во рамки на секоја национална економија, а преку економските интеграции и на поширок регионален пат. Оваа индустрија вработува, извезува и е нето извозник. Има силно влијание врз буџетот и значајни општествени проекти се помогнати од нејзе и очекуваме во овие посткризни времиња да дојде до целосен израз со своите влијанија во економските показатели на земјата, вели Кочовски.
 
Според него, челичната индустрија ќе имаше многу поголемо влијание врз економскиот раст на земјава доколку се произведуваа финални производи, а не полуфабрикати, бидејќи лимот не може да се смета за финален производ.
 
 
Македонија одбележува 50 години од организираното индустриско производство на челик 
 
Во 1967 година првпат во поновата историја на Македонија индустриски е произведен челик.
 
- Тоа претставуваше голем исчекор кон индустрализација на земјата. Токму челикот беше многу значаен во повоената обнова и изградба на економијата во Европа и создаде економски претпоставки за развој на секоја од земјите што се вклучија во производството на челик или го обновија своето производство. Производството на челик во Македонија доведе до промена на економската и на социјалната структура на земјата, внесе нови технички знаења и организациски вештини, но и овозможи преструктуирање на тогашната заостаната македонска економија во насока на развој на преработувачка индустрија базирана на челик - електромашинска индустрија, наменско производство, бродоградба, метални конструкции и опрема како носители на техничко-технолошкиот процес, вели Кочовски.
 
На наша голема среќа, додава, значаен дел големи индустриски капацитети се надградија на оваа индустрија и уште во тоа време во Македонија првпат никна производство на челични цевки, метални конструкции, како примарни фази на металопреработувачка индустрија.
 
- Жалосно е што не успеавме посоодветно да ги валоризираме ефектите што ги креираше производството на челик во рамки на националната економија, преку поддршка на повисоки фази на нивна финализација, туку финализацијата се вршеше во другите поразвени републики во СФРЈ. Сепак железарницата создаде фантастични претпоставки во тоа време се појавија ФАКОМ, ИСКРА, металопреработувачки капацитети во Битола, Прилеп, Охрид и редица помали кои создадоа услови македонската економија да може доколку се развиваше во таа насока соодветно да ги валоризира овие ефекти, потенцира Кочовски.
 
Инфраструктурата за челичната индустрија од 50-тите години на минатиот век
 
Кочовски смета дека индустријата на челик во Македонија не почнува во 1967 година со изградбата на Скопската железарница, туку во раните 50-ти години од минатиот век кога беа откриени наоѓалишта на железна руда во земјава и кога беше изградена комплетна патна и железничка инфраструктура до нив за да се овозможат услови за транспорт и дотур до железарницата.
 
- Производството на челик во Македонија овозможи за тоа време фантастични подобрувања на патната, железничката и енергетската инфраструктура. Беше создадена образовна инфраструктура што успеа да обезбеди еден голем дел од кадарот во железарницата преку социјалните трансформации во општеството да ги направи индустриски работници и да ги внесе во далеку попродуктивен сектор што  даде видни резултати во подемот на Македонија и целата заедничка држава во која тогаш живеевме, прецизира Кочовски.
 
Скопската железарница - промашена инвестиција или не
 
Долго време Скопската железарница беше мета на необјективни напади и обвинувања дека е промашена инвестиција и фабрика која прави загуби. Можеби малкумина знаат дека железарницата уште со самото пуштање во работа остана технолошки недозаокружена, порачува Кочовски.
 
Филтер за отпрашување Макстил
 
- Постоеше вградена диспропорција меѓу производството на железо и челик и преработувачките капацитети. За два и пол пати беа повеќе инсталирани валавнички капацитети, а немаше доволно производство на челичен полуфабрикат така што неискористеноста на капацитетите во валавниците носеше фиксни трошоци и железарницата во еден период покажуваше и негативни финасисики резултати, иако секогаш беа покривани со санациски кредити кои железарницата сама си ги отплаќаше, прецизира Кочовски.
 
Вториот проблем, додава, беше што низ механизмите на примарната распределба системот на формирање на цените беше на штета на железарницата и останатите производители на суровини.
 
- Суровинскиот комплекс и полуфабикатите имаа државно регулирани цени, а финализацијата беше ставена во ситуација слободно да формира цени на пазарот поради што постоеше прелевање на доходот низ тие неправични механизми. Тоа се основните причини поради кои необјективно беше обвинувана железарницата дека создава загуби, посочува Кочовски.
 
Производството на челик не се ефектуира доволно во економијата
 
Кочовски смета дека производството на челик во земјава не се ефектуира во доволна мера, а како една од причините за тоа ја посочува несоодветната транзиција на сопственоста на Скопската железарница.
 
- Можеби во времето на транзицијата се направи прилично необмислен транзициски модел на нејзиното организциско и сопственичко преструктуирање кога нашата држава очигледно не можеше да ги согледа сите развојни претпоставки кои оваа индустрија ги содржи и кои можеа да бидат ефектуирани на посоодветен начин, вели Кочовски.
 
Се примени модел на организациско и сопственичко преструктуирање што, потенцира, не е познат во праксата на ниедна земја и од социјалистичкиот блок, но и од искуствата на приватизацииите на големите западноевропски комбинати. 
 
- Техноекономската целовитост на металуршкото јадро кое претставуваше неделлива техноекономска целина беше разбиено и беше продавано во делови иако во концептуалниот модалитет на неговата изградба не постоеше можност да функционира на модуларен принцип, односно да може секое делче да функционира како независна техноекономска единица. Тоа оневозможи во времето на танзицијата, кога се случуваа серизни економски проблеми на картата на Европа, ние да почувствуваме бенефити од тоа што го имавме како инсталиран индустриски капацитет, прецизира Кочовски.
 
Според Кочовски, на изненандување на сите странскиот капитал и покрај лошата транзиција првпат покажа интерес токму за челичната индустрија. Во раните 90-ти години од минатиот век се појави Дуферко и се одважи да инвесира во Македонија и да го рестартира производството на челик и топловалани дебели лимови со намера своите амбиции да ги прошират и на другите валавнички капацитети.
 
- Идејата беше Дуферко да го зокружи производниот процес во една целина, а тогашната влада за жал дозволи една анонимна фирма со сомнителен капитал, Балканстил, да ги добие валавничките капацитети, а потоа ги препушти на Арлчелор Митал и да работат ни од далеку колку што инсталираните капацитети дозволуваат, но сепак се одржаа во живот, нагласува Кочовски.