„Чагатај Кабло“ почна со производство во Бунарџик
Турската фабрика „Чагатај Кабло“ почна со работа во Технолошко-индустриската зона Бунарџик. Фабриката за производство на кабли за автомобилската индустрија и за земјоделска механизација планира зголемување на капацитетите.
Станува збор за погон од седум илјади метри квадратни, а за негова изградба во првата фаза вложени се четири милиони евра и досега вработени се 80 луѓе.
Опозицијата реагира дека инвестицијата е договорена и донесена од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот со Чагатај Кабло е потпишан на 18 мај 2017. година.
- Успешните економски мерки кои ги имплементира Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се препознаени во целиот западен свет, а резултираа со инвестиции на десетици мултинационални компании и десетина илјади работни места. Мерките кои Заев ги напаѓаше од опозицијата сега ги презентира како свои и се фали насекаде низ светот.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пак, апелираше да се престане со евтиниот Пи-АР.
Фабриката „Чагатај Кабло“ меѓудругото е позната и како добавувач на белгискиот производител на автобуси, Ван Хол, кој веќе е присутен во Бунарџик.
Странските директни инвестиции во првите шест месеци од годинава достигнаа 327 милиони евра или 218 отсто повеќе од просекот во последните три години. Ова, според Анѓушев покажува дека трендот на инвестирање во македонската индустрија е забрзан, како и оти политиките за транспарентно поддржување на сите компании дава резултат.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
