Бизнис
22. јуни 2017 - 9:05

Центар за вработување на лица со хендикеп

Стопанската комора на Македонија и „Полио Плус – движење против хендикеп“ формираа Центар за вработување на лица со хендикеп кој е реализиран во рамки на истоимениот проект. По тој повод, денеска во Стопанската комора на Македонија ќе се одржи конференција.

Центарот е лоциран во просториите на Стопанската комора на Македонија, а проектот е дел од ИПА -Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 година.

Во Република Македонија, бројот на вработени лица со хендикеп е многу мал во однос на целата вработена популација. Преку проектот „Центар за вработување на лица со хендикеп“, информираат од Стопанската комора на Македонија, се гради мост меѓу лицата со хендикеп и компаниите со цел да се извлечат придобивки и за двете страни.

Конференцијата,  како што се наведува, има за цел информирање и запознавање на компаниите со бенефициите кои им стојат на располагање во насока на создавање инклузивна и разновидна работна сила, што нуди голем потенцијал за подобрување на секојдневното работење на компаниите и создавање на општествено одговорен пристап во работењето.