Бизнис
22. November 2023 - 19:39

Цената на струјата отсега ќе ја кажува ЕВН, РКЕ само ќе ја проверува пресметката

Новата цена на струјата за домаќинствата отсега ќе ја кажува ЕВН Хоум, а не регулаторната комисија. Бислимовски вели дека за цената која ќе важи од 1 јануари и секоја следна промена, калкулациите ќе ги прави универзалниот снабдувач, а РКЕ само ќе провери дали пресметале точно. Со ова, според него, не се намалува надлежноста на комисијата, туку се прави усогласување со правилата во земјите членки на Европската Унија.

Ние проверуваме како го примениле тарифниот систем. Дали трошоците за набавка им се тие, дали трошоците за маржата, дали за маркет-операторот...сето тоа ќе го провериме и ќе видиме“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Доколку пресметката е нереална, тогаш РКЕ ќе им ја врати назад на доработка во ЕВН Хоум, но дали ќе може да се направи и корекција на цената, првиот регулатор не знаеше да каже.

„Ќе имате можност за интервенција доколку е нереална цената?“

„Не знаеме и ние, првпат го применуваме. Ќе видиме како ќе биде. РКЕ досега го правела тоа, нашето законодавство е услогласено со европското, така што, отсега ќе биде вака“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Петгодишниот договор на ЕВН истекува следната година, па Владата веќе подготвува повик за нов универзален снабдувач со струја за малите потрошувачи и домаќинствата.

Засега тарифните блокови остануваат исти, а новата цена на струјата ќе биде позната кон крајот на следниот месец.