Целосно завршена ревитализацијата на старата гевгелиска депонија со зелена површина и садници
Старата депонија во Гевгелија повеќе нема да биде проблем за граѓаните од овој регион. Наместо сликите со купишта смет кои гореа речиси секој ден, сега има зелена површина со голем број садници. Гевгелиски „Комуналец“ во соработка со општината целосно го заврши проектот за ревитализација на просторот на кој до скоро се депонираше комуналниот отпад. Со ова општината добива нов зелен простор, а граѓаните од градот и околината почист воздух. Реализацијата на целиот проект чини 420 000 евра кои беа добиени како грант од од швајцарската и грчката амбасада.
Во меѓувреме започна и реализацијата на проектот за селекција на отпад. За таа намена веќе се набавени 2000 нови канти и шеесетина контејнери. Со ова освен што се намалува количината на отпад што се носи на новата времена депонија, во исто време се продолжува и нејзиниот век на експлоатација.
Во првата фаза селекцијата на отпадот ќе се врши само во општинскиот центар, но со тенденција за кратко време оваа можност да ја добијат сите жители од општината. Паралелно, ќе течат и кампањи со трибини и едукативни работилници за подигање на свеста кај граѓаните за важноста на селекцијата на отпадот.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар