Бизнис
11. August 2016 - 17:42

Целосно ќе бидат обештетени и земјоделците

Сите земјоделци на кои невремето им го уништи родот во целост ќе бидат обештетени.. Во поплавените подрачја во скопскиот регион има 2000 евидентирани земјоделци, но надлежните информираат дека обештетени ќе бидат и оние кои имале градини и бавчи, односно и оние на кои земјоделството не им било примарна дејност. Најголем дел од проценките на Комисиите кои се на терен покажале дека се работи за 100 процентно оштетување на земјоделските површини.

- Имајќи го искуството со поплавите кои беа во 2015 година  ние направивме измени на Законот со кој се овозможува да бидат обештени сите земјоделски површини. Комисиите за проценка се на терен и работат со полн капацитет. Некаде за дваесет дена оваа работа треба да биде завршена, изјави Цветков.

Граѓаните што имаат, треба да поднесат имотен лист, останатите кои немаат регулирано имотно правни односи ќе влезат во процедура доколку достават изјава заверена на нотар. Земјоделците по погодените села претежно одгледувале градинарски култури, добиточна храна и индустриски култури.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека нивните екипи се постојано на терен и ги отстрануваат угинатите животни. Сеуште не се знае колкав е нивниот број. Апелираат сите сопственици на животни да ги пријават угинатите и исчезнатите грла а оние кои имаат недостиг од сточна храна да пријават во пунктовите.

-  Без оглед на тоа дали станува збор за крупен, ситен добиток или за угинати домашни миленици, тие се евидентираат по што се врши нивно подигање и закопување со соодветна механизација на локација која е одредена од страна на општините, која не претставува опасност ниту за животната средина ниту за луѓето, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. 

Во погодените 12 населени места има околу 2500 грла крупен и 3300 грла ситен добиток.