Македонија
1. November 2025 - 16:41

Цеца на концерт во Велес развеа бугарско знаме

Откако српската пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ го прегрна бугарското знаме на концертот во Велес, пред македонската публика, тие не и останаа должни со реакции. Исвиркување, извиците на незадоволство, па дури и напуштање на концертот го одбележаа крајот на вечерта во спортската сала Гемиџии.

Некој од публиката и го подаде знамето на пејачката, а таа, го прегрна и го бакна. Сепак, откако дел од публиката бурно реагираше, пејачката го тргна знамето од себе и изјави дека многу ја сака Македонија.

Настанот, кој требаше да биде вечер исполнета со музика и добра енергија, доби политичка нота поради чувствителните односи меѓу Македонија и Бугарија. На крајот пејачката со македонско знаме ја напушти сцената, но и претходно при изведување на други песни, можеше да се види пејачката како го прегрнува нашето знаме.

Дел од јавноста го осуди гестот како непочит кон македонската публика, додека други го оправдаа како дел од сценскиот настап, без политичка намера.

По инцидентот, Ражнатовиќ се обрати преку медиумите, каде вели дека нејзиниот потег бил погрешно сфатен.

Не е ништо необично што секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, затоа што тоа е мојата публика, мојот народ, моите луѓе. Жал ми е ако тој гест некого повредил, тоа навистина не ми била намерата, а особено не да ги навредам домаќините, верувам дека тоа го знаете.“ изјави пејачката.

Светлана Цеца Ражнатовиќ важи за една од најпопуларните српски изведувачи во Македонија, со многубројни настапи во нашата земја.