Македонија
28. јуни 2021 - 14:46

Царовска: Oд есен во прво и во четврто одделение ќе се учи медиумска писменост

Образованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критичното размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на онлајн конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран и од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.

„Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести“, нагласи Царовска. 

Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, издвојуваат и користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести. 

Царовска рече дека освен на нови наставни програми, МОН интензивно работи и на подготовка на наставниците да знаат да го пренесат критичкото размислување кај учениците. Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на јакнење на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготвени за реализирање на новите наставни програми. 

Ставовите за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење, на денешната конференција ги споделија и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир како и повеќе експерти, активисти и новинари.

 

 

 

 
 

Ново на Сител