Царовска: И ние укажуваме дека ако платите се покачуваат без да се зголемува продуктивноста, на долг рок може да се јави проблем
ММФ алармира, не тврди. Вели дека ако платите се покачуваат без да се зголемува продуктивноста, тогаш може на долг рок да се јави проблем. Тоа и ние го укажуваме, заедно со меѓународните финансиски институции, рече денеска вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.
Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Feydom“, Царовска напомена дека Владата ги поддржува фирмите кои не само што ги зголемуваат платите, туку и вложуваат во технолошки развој со што остваруваат додадена вредност и ја зголемуваат продуктивноста.
-Инвестираме во компании кои ќе можат да си ги покачат платите на работниците самостојно или со поддршка на Владата, но исто така инвестираат за да може да има додадена вредност за продуктивноста да оди паралелно со покачувањето на платите. За тоа се залагаме како Влада и тоа го направивме преку социјален дијалог и го гледате во пракса, нагласи Царовска и ја посочи „Feydom“ како пример.
Ако до 2017 година, рече, преку Фондот за иновации и технолошки равзој (ФИТР) биле поддржани околу 40 фирми или се вложиле околу еден милион евра, за само 2,5 години, денес, бројот на поддржани фирми е 314 и се вложуваат повеќе од 57 милиони евра.
-Ова укажува дека навистина како Влада сме посветени на тоа компаниите да инвестираат, да ги поддржиме во нивните инвестиции, но исто така сме насочени и кон тоа работниците да добијат плати со кои ќе може соодветно да го поминат месецот. Навистина, овие две компоненти укажуваат дека е направен огромен пресврт во економијата во нашата држава. И ако БДП пред да дојдеме, пред промена на власта беше минус 1,8, денеска имаме просечен БДП на 3,5. Ова укажува дека навистина целиот овој развој се движи во позитивна насока, потенцира Царовска.
И за директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, поддршката за покачување на платите, но и на продуктвноста на компаниите, е еден од најдобрите начини за зголемување на конкурентноста на македонската економија. Државата, подвлече Деспотовски, вложува во реални инвестиции, во реално производство и во реални луѓе.
-Не инвестираме во фирми кои остануваат само во Македонија, а „Feydom“ е еден од добрите показатели за тоа. Оваа компанија со поддршката од ФИТР и од државата успеа да добие врвна дизајнерска награда во Германија што само ја дополнува вредноста на брендот и си ја зголемува додадената вредност што понатаму останува во економијата. Вработува преку 100 лица чии плати се околу 29.000 денари што е повеќе од националниот просек. Ја искористиле мерката за субвенционирање на плати, но не само што ги покачуваат платите и ги користат мерките за субвенционирање, туку вложуваат во технолошки развој и со тоа имаат додадена вредност и ја зголемуваат продуктивноста, истакна Деспотовски.
Сопственикот на „Feydom“, Зоран Радуљанин информира дека поддршката од ФИТР е вложена во модернизација на производството преку купување машини за кроење текстил и дрвени плочи. – Со тоа е направена и комплетна реоорганизација на производниот процес. Испораката е значително намалена, од досегашните 15 – 30 дена на 48 часа, рече Радуљанин.
Ново на Сител
-
Трамп сака да прогласи вонредна состојба во САД за да ја спроведе својата програма за протерување мигранти
-
Притвор за полициски службеник и уште едно лице за продажба на кокаин
-
Крвава расправија на ученици во Тирана, еден починат, двајца повредени, еден приведен од полицијата
-
Двајца маскирани крадци упаднале во замокот „Виндзор“ - домот на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон
-
Евростат: Луксембург најмногу издвојува за здравствената заштита на граѓаните
-
Пласидо Доминго во Скопје
-
Хрватска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и патриотската војна
-
Прва средба меѓу британски и кинески лидер по шест години