Македонија
20. December 2021 - 16:37

Царовска: Епидемиолошката состојба во училиштата е стабилна - Мехмедовиќ апелира на онлајн настава поради ковид и сезонски грип

Нема предвремен зимски распуст, ниту онлајн настава, категорична е министерката за образование. Според Царовска стабилна е епидемиолошката состојба со Ковид  во образовните установи, иако се зголемува бројот на отсутни деца и наставен кадар поради сезонскиот грип, други вирози и настинки.

  -Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министетството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. 

МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Вкупно, во еден момент, активни случаи со КОВИД-19 кај ученици со физичко присуство во училиштата никогаш не надмина 0,3 проценти. Ова укажува на стабилност на состојбата и дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште, изјави Мила Царовска, министер за образование и наука.

Последните две недели зголемен број болни деца со респираторни симптоми бележат и матичните педијатри.

Дел од лекарите сметаат дека токму овој период кога има пораст на бројот на деца со вирози и настинки пожелно е да се премине на онлајн настава. Според доктор Злате Мехмедовиќ со тоа би ги заштитиле и децата од позаразниот Омикрон кој забрзано се шири низ Европа и во регионот, а ќе биде поштеден и здравствениот систем од ново преоптоварување.

-Сметам дека навистина треба да се размислува за повлекување на децата. Кај нас сеуште не е детектиран Омикрон, но веќе е познато дека многу побргу се пренесува, според најновата студија иако кај возрасните има за 30 проценти помалку хоспитализации со Омикрон, кај децата до 18 годишна возраст хопситализациите поради овој сој се зголемени за 20 проценти, а дополнително има и зголемен број на деца со вирози и настинки, и затоа сметам дека едно од посоодветните решенија е да се премине на онлајн настава, вели д-р Злате Мехмедовиќ, докторант по Јавно здравје.

Од Министертсвото за здравство велат дека на последниот состанок одржан минатата недела Комисијата за заразни болети не препорачала нови мерки.

-Комисијата за заразни болести нови мерки препорачува врз основа на епидемиолошката состојба во државата која во моментов е релативно стабилна, одговорија од МЗ