Македонија
26. November 2019 - 12:03

Царината заплени медицински материјали, стакла за очила, леќи, турбо пумпи, автоделови, облека и цигари

Во текот на минатите две недели, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што се задржани хируршки материјали, стакла за очила, леќи за очи, турбо пумпи, делови за разладни витрини, делови за товарни возила, облека и цигари.

Привремено се задржани:

Медицински материјали и инструменти

– 215 парчиња хируршки материјали и инструменти (катетри, хируршки конец, канили, челични жици, медицински аспиратори и друго) откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при рентгенска контрола на патните торби на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 66 оптички стакла за очила со диоптер, марка Optimal protect, и 12 парчиња контактни леќи, марка Ez Soft, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавил брачен пар, македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во црна женска ташна на совозачкото седиште и во џебовите од јакната на возачот, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Турбо пумпи, автоделови и делови за разладни витрини

– 6 турбо пумпи Ecolab engineering, откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените приоизводи, пронајдени во две торби сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 49 парчиња делови за комбиња и товарни возила (употребувани тахографи и сензори за брзина и нови сензори за брзина), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени на повеке места во возилото – во пластична гајба завиткана во најлонска ќеса сместена во багажниот простор, во просторот за резервна гума, во двата фабрички простори наменети за алат и прва помош, под двете средишни седишта, во просторот на левата и десната врата покриени со лични работи, во просторот под наслонот помеѓу предните седишта и во совозачката фиока, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 6 парчиња автоделови за патнички возила марка Мерцедес (прагови, предни и задни крила) откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на

автомобил со германски привремени таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените автоделови, пронајдени на задното седиште и во багажниот простор, се привремено задржани, а против овзачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 5 делови за разладни витрини (вентил, изменувач на топлина, блок филтер, контролер и жичано јадро), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот под патните торби, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека

– 68 парчиња женска облека (фустани, блузи, здолништа, панталони и палта), откриени при контрола на бугарски автомобил, со кој патувале брачен пар со две малолетни деца, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени на повеќе места во возилото – помеѓу личната гардероба во две патнички торби сместени во багажниот простор, во најлонска кеса сместена во просторот за резервна гума, во фабричкиот простор за прва помош, под двете средишни седишта и во совозачката фиока, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 80 парчиња облека (фармерки, блузи, јакни и маици) и 6 пара патики, откриени при контрола на германско патничко комбе управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени позади возачкото седиште и во просторот за багаж, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 19 штеки цигари марка Marlboro без акцизни маркички, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, во соработка со аеродромските служби, при рентгенска контрола на чекираниот багаж на шведски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Малме. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.