Македонија
4. September 2017 - 14:29

Булеварот „Трета македонска бригада“ во завршна фаза

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски денеска извршија увид во завршната втора фаза од градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Трета македонска бригада“, која почна во декември 2015 година.

Втората фаза е изведена на потегот од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до улицата „Никола Карев“, во должина од 1.400 метри.

Како што изјави скопскиот градоначалник Трајановски, останува уште отстранувањето на објектот, кој се наоѓа на трасата на овој булевар, за кој се води судска постапка и се чека одлука од судот, така што се очекува новиот булевар да биде пуштен во употреба до крајот на септември.

Улицата со овие градежни активности доби 4 сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока), велосипедска патека покриена со асфалт и широка 2 метра и тротоар покриен со бекатон-плочки со ширина од 3 метри. Изградена е и средишна разделна жардиниера со широчина од 5 метри, а е поставено и ново осветлување и нова атмосферска канализација. За овој проект Градот Скопје издвои околу 103 милиони денари.

Претходно, првиот дел од булеварот „Трета македонска бригада“, на потегот од булеварот „Србија“ до улицата „Фрањо Клуз“ беше проширен во 2014 година со должина од 1.243 метри, така што е проширен булеварот во вкупна должина од над 2.600 метри.

Проширувањето на оваа сообраќајница ќе овозможи побрза сообраќајна комуникација со другите делови од општината и со центарот на градот, а од друга страна ќе се зголеми и сообраќајната безбедност.