Македонија
23. јуни 2022 - 12:36

Бугарија во Брисел без одлука за ветото

Официјалната бугарска позиција останува непроменета, се додека Националното собрание не си го каже својот збор. 

Ова го изјави премиерот во оставка Кирил Петков, на неколку часа пред почетокот на Европскиот Самит во Брисел. 

Петков додаде дека тој го одржал зборот како премиер, бидејќи рекол дека парламентот ќе ја донесе одлуката за кревање на ветото, а не Владата на која вчера и беше изгласана недоверба.

Петков истакна дека лично му се допаѓа францускиот предлог и смета дека неговото усвојување би било историска можност за Бугарија, но тоа мора да се направи на вистински начин и во наредните денови.

Тој го критикуваше претседателот Румен Радев дека не заземал цврст став по ова прашање и дека не го свикал Советодавниот совет за национална безбедност. 

Паднаа маските, се изморив од кукавици, рече Петков за политичката ситуација во Бугарија.

Додаде дека пратениците втор ден не можат да обезбедат кворум за избор на претседател на Народното собрание, со што ја потенцираше политичката криза во која западна Бугарија.

Таму продолжува разногласието на тема поддршка за францускиот предлог. Вчера него целосно го поддржа ГЕРБ и Бојко Борисов, но против денеска се изјаснија бугарските социјалисти.

Во Софија засега никој не сака да ја преземе одговорноста и да донесе одлука за пакетот документи на француската дипломатија, кои треба да резултираат со кревање на ветото. 

Вчерашната седница на Комисијата за надворешни работи на Парламентот ја прекина работата по 15 минути, со став дека секое решение ќе биде противуставно без став од Владата.

Спротивно, Петков се држи до тоа за предлогот прво да се изјасни Собранието, а таму за денеска е закажано продолжението на седницата на Комисијата за надворешни. 

Според најавите, членовите ќе донесат одлука - решението за францускиот предлог да биде испратен на пленарна седница која би била одржана утре.