Македонија
13. March 2020 - 17:05

Бугарија прогласи вонредна состојба до 13 април - Грција апси за непочитување на мерките, во Италија нема нови случаи

Во Бугарија  е прогласена вонредна состојба заради корона вирусот. Бројот на потврдени случаи во земјата вчера нагло скокна од 7 на 23, а пријавен е и првиот смртен случај. Претседателот Борисов апелираше до Бугарите да ги следат правилата, велејќи дека само во четвртокот 14 лица што требало да бидат под карантин не го почитувале тоа. Вонредната состојба ќе ѝ овозможи на полицијата да интервенира во вакви случаи, рече тој. Вонредната состојба ќе трае до 13 април.

Нагло скокна бројот на заразени и во Србија. Утрово беше објавено дека бројот стигнал до 31. Премиерката Брнабиќ соопшти дека се уште нема причина за затворање на градинките, училиштата и факултетите и таква одлука ќе се носи во соработка со здравствените експерти.

Во Грција се уапсени пет лица затоа што не ги почитувале препораките на властите и држеле дополнителни часови на ученици. Тројца од уапесните се сопственици на приватни училишта, а останатите држеле приватни часови.

Добри вести денеска стигнаа од Италија. Во регионите означени како црвена зона нема ново пријавени случаи на заразени до КОВИД 19. Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо во изјава за „Би-Би-Си“ истакнал дека тоа покажува дека мерките наметнати во првото подрачје на ширење на вирусот биле ефективнии изразил надеж дека Италија ќе биде првата европска земја која се изборила со оваа вонредна ситуација.

Соочена со епидемијата на коронавирус, француската Влада одлучи да не ги одложува општинските избори од 15 и 22 март. Но, за да се обезбеди непречено одвивање и да се избегне големо неизлегување што веројатно ќе биде важно заради загриженоста на населението, преземени се соодветни мерки за да се уверат гласачите дека е направено сé за да се олесни гласањето.

Министерот за економија на Германија, Петер Алтмаер не исклучи времено национализирање на определени компании ако тоа е единствен начин за поддршка во ситуација на пад на меѓународните синџири за испорака. Во интервју за Шпигел, тој нагласи дека не очекува голема национализација, но и дека „нема да се дозволи банкрот на економски стабилни компании“.

Премиерот на Канада, Џастин Трудо е во изолација откако неговата сопруга се тестираше и беше позитивна на коронавирусот. „Премиерот досега не покажува симптоми и се чувствува добро, но е ставен во изолација поради претпазливост", наведуваат од неговиот кабинет.

Кинескиот град Вухан, кој важи за епицентар на заразата, пријави само пет нови случаи на коронавирус во последните 24 часа. Во остатокот од државата нема нови внатрешни случаи, додека во Шангај има двајца новозаразени и во Пекинг еден, но лица кои дошле од странство