Македонија
25. October 2019 - 17:54

Бугарија отсекогаш ја поддржува Македонија, но бара усогласена историја

На условите, кои официјална Софија и ги испорача на Македонија доколку сака да го продолжи европскиот пат, треба да гледате рационално и посмирено. Она што е најважно е дека во таа преговарачка рамка Бугарија поддржа почеток на преговори, порачаа бугарските гости кои денеска дискутираа за ЕУ предизвиците на двете земји.

Заедно со домаќините во Скопје тие се согласуваат дека односите се оптоварени со историски прашања, но иднината треба заеднички да се гради. Според поранешниот македонски премиер, предуслов за тоа е да постои доверба во меѓусебните односи.

“Бугарската декларација овдека беше дочекана на нож. Се надевам дека тоа што го градевме во изминатите две и пол години нема да се сруши. За пријателството да се гради треба да има доверба...”

“Бугарија отсекогаш ја поддржувала Македонија, но Бугарија имала и едно барање. Треба да имаме консензус по историјата и таа не може да биде толкувана од Македонија на различен начин”

Токму усогласувањето на историјата и натаму е камен на сопнување. Апелот од нашите историчари за немешање на политиката во процесот се чини залуден, бидејќи бугарските политичари преку мешовитата Комисија во неколку наврати побараа брзо постигнување на договор.

“Ние дискутираме како професионалци, како историчари. Нашата работа е во функција на Договорот за добрососедство, односно во функција на една многу јасна рамка која произлегува од нашите меѓусебни односи. Така што ништо не се случува во изолиран вакуум”

Потенцирајќи колку се важни пријателските односи меѓу соседите во процесот на интегрирање, организаторите на настанот порачаа дека француското “НЕ” ја иритираше Европа, но Македонија мора да извлече правилни поуки, кои нема да го загрозат нејзиниот европски пат.