Бизнис
17. July 2015 - 14:13

Буџетските приходи 14 отсто повисоки од истиот период лани

Буџетските приходи се подобри  од очекувањата и планираното, натфрлија во првите шест месеци и се за 14 отсто повисоки од лани.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на синоќешната прс-конфренција за ребалансот на Буџетот.

- Буџетот изненади со добри приходи кои се за околу 14 проценти повисоки од буџетските приходи во првите шест месеци лани или, прибрани се околу шест процентни поени повеќе од што се планираше, рече Ставрески, нагласувајќи дека Буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција.  

Ставрески подвлече дека ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ниту еден  буџетски корисник, туку претставува поместување  на одредени позиции таму кадешто поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или кадешто проектите се одвиваат подобро од првично планираното.

- Се работи за измена која не е голема по обем и која вклучува поместување на позициите таму каде политиките, мерките и проектите на Владата го налагаат тоа без да ги измести основните макроекономски параметри, истакна вицепремиерот.

Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна, рече Ставрески, нагласувајќи дека БДП за 2015 година е ревидиран на 3,5 процентен раст, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП.

Рвидирањето на БДП, прецизира, базира на два факта - дека во првите три месеци од годинава имаше солиден раст на економијата од 3,2 проценти, но во вториот квартал, како што рече, имаше пролонгирање на политичката криза во земајава и незвесност заради должничката криза во Грција. Тоа, додаде, е фактор на ризик кој бара ревидирање на вкупните проекции и затоа Владата и Министерството сметаа дека проекцијата за БДП треба да се ревидира од 4 на 3,5 проценти.