Брз раст на нови случаи во Тетово - Дали Делта сојот ја менува епидемиолошката слика?
Дали Делта сојот или Јужноафриканската мутација се причина за зголемениот број на новозаразени со коронавирус во Тетово? Според дневната Ковид статистика само последните 3 дена во градот под Шара пријавени се 22 случаи. Во моментот таму има 45 активни случаи, што е најмногу по број на жители во една општина, а пред 10 дена имало 14.
Тамошните епидемиолози од Центарот за јавно здравје пред 2 дена потврдија дека кај двајца Тетовци случајно била откриена Делта варијантата по направени ПЦР тестови за да се вратат во Германија. Двете лица биле од исто семејство и немале симптоми.
Во меѓувреме се чекаат резултатите од анализите во МАНУ дали други 4 жители на Тетово сомнителни на јужноафриканскиот сој се инфицирале со оваа корона мутација.
Според експертите и двете се позаразни од Британската варијанта.
Министерот Филипче и денеска го повтори ставот дека не се планираат никакви мерки, ниту на границите туку фокус ќе се стави на вакцинацијата.
-И викендов разговаравме, разговаравме и минатата недела, засега нема мерки, ниту на границите, меѓутоа ќе следиме, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Инаку Делта сојот кој потекнува од Индија досега во земјава е потврден кај 10 лица. Ниту еден не бил вакциниран.
Според СЗО токму оваа варијанта овој период доминира во светот, како што беше случајот со Британската мутација пролетта.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар