Брутално убиство на македонски државјанин во Германија: Го претепале со пивско шише
32-годишен македонски државјанин бил претепан до смрт викендов во германскиот град Есен. Се почнало со вербална расправија, помеѓу македонскиот државјанин и двајца Еритрејци, која подоцна прераснала во физичка пресметка.
Двајца мажи на возраст од 25 и 29 години го нападнале со пивско шише, по што се онесвестил, а на повредите, македонскиот државјанин им подлегнал кратко, откако бил донесен во болницата.
На местото на злосторството имало сведок. Тој е клучен во целата истрага. Го реанимирал македонскиот државјанин додека не пристигнале докторите. Поради тоа што добро ги запаметил лицата на напаѓачите, полицијата успеала да ги уапси и двајцата на две различни железнички станици, кои пробале да избегаат од властите.
Уште во саботата била формирана посебна екипа која го истражува случајот, на чело со јавен обвинител. Според информациите на германската полиција, 29-годишниот напаѓач завршил во притвор, ќе му се суди за убиство од небрежност, а вториот Еритреец, по комплетирање на потребните мерки, бил пуштен на слобода.
Денеска, германскота полиција бара помош од граѓаните.
За да се разјаснат точните факти за случајот, шефот на одредот за убиство итно бара уште сведоци на злосторството. Конкретно, преку соопштение ги повикуваат сите минувачи покрај местото каде се случила физичката пресметка, во саботата од 1 до 2 и 15 часот по полноќ, да се обратат кај службите.
Убиениот Емре Исмаили, кој е од село Жировница во Маврово Ростуше, бил во Германија на привремена работа. Според резултатите од обдукцијата, починал од траума на тапа сила. Истрагата се уште трае.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар