Македонија
11. February 2024 - 16:48

Бројот на заразени деца со салмонела се искачи на 12 - нема резултати од истрагата за причините за труењето

Бројот на заразени деца со салмонела во Берово се искачи на 12. Надлежните побараа вонредна дезифенкција во градинката „23-ти август“, како превентивна мерка за запирање на ширење на заразата. Засега состојбата со бактеријата е ставена под контрола и кујната во градинката работи, но лекарите советуваат да се сврти поголемо внимание на подготовка на храната и на хигиената.

- Главниот начин на пренесување е преку заразена храна. Тоа значи, недоволно термички обработено месо, јајца, млеко и продукти од слична природа. Но, самите деца, поточно заболените може да ги пренесуваат спорите на салмонелата во околината, да ги загадуваат самите површини, така што салмонелата може да се пренесува од човек на човек, покрај тоа што се пренесува и од недоволно обработена храна- изјави д-р Драган Јанев

Салмонелата може да предизвика сериозни комликации кај лицата со намален имунитет. Затоа е многу важна раната дијагностика, која гарантира полесно и побрзо закрепнување. Првите симптоми се јавуваат во период од 12 до 72 часа по доаѓањето во контакт со бактеријата.

- Се лекува вообичаено со антибиотици, овде спаѓаат цефалоспорините, дел од нив се даваат ампуларно во инфузија, дел се примаат таблетарно, 3 пати на ден по 200 мг е препорачаната доза. Терапијата трае од 10 до 14 дена во зависност од тоа кога е „фатена“ самата салмонела. Значи, колку порано се дијагностицира, толку е подобар исходот од истата- додаде д-р Јанев

Резулатите од извршените епидемиолошки анализи на земените мостри од вработените, површините и кујната во градинката, од страна на Центарот за јавно здравје – Кочани, беа негативни. Од локалната самоуправа побараа истрагата да продолжи за да се пронајде изворот на заразата.