Свет
24. October 2015 - 15:41

Бројот на загинати во сообраќајната несреќа во Франција се зголеми на 43 лица

Четириесет и три лица загинаа во тешката сообраќајна несреќа во Франција, во близина на Либурн, а 41 жртва беа патници во автобусот, дедека двете други жртви се возачот на камионот и неговиот тригодишен син, пренесува дописникот на МИА од Париз.

Најголем број од жртвите се стари лица, членови на пензионерски клуб, кој организирал екскурзија во Беарн.

Несреќата ја преживеаја осум лица, од кои две лица се уште се наоѓаат во критична состојба. Тие се спасени поради присебноста на возачот на автобусот, кој кога забележал дека несреќата е неминовна, инситиктивно ги отворил вратите од автобусот, а потоа помогнал во извлекување на преживеаните.

Спасувачките екипи, немоќно интевенираа во гаснење на пожарот што ги зафати каминиот и автобусот веднаш под директниот судир. Според сведоци на настанот, приколката на камионот – трактор, која била наменета за транспорт на дрвени стебла, се попречила на десниот дел од коловозот, при што автобусот директно удрил во делот каде се наоѓа резервоарот на камионот и акумулатрорите. По ударот веднаш избувнал пожар.

Според јавниот обвинител, меѓутоа, главната причина за драмата се уште е непозната и истрагата само што почна.

Спасувачките екипи утринава ги извлекоа првите тела на жртвите и нивната идентификација се најавува како многу тешка.