Балкан
27. јуни 2024 - 11:21

Брнабиќ: Курти уште еднаш покажа дека не сака дијалог

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти, не сака дијалог и дека се плаши од средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи има слаби аргументи, јави дописникот на МИА од Белград.

Коментирајќи го почетокот на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел, Брнабиќ за ТВ Пинк рече дека Курти не сака да го спроведе Бриселскиот договор и да формира Заедница на српски општини (ЗСО).

– Мислам дека Курти уште еднаш покажа дека не сака дијалог, нема интерес да направи чекор напред за Србите на Косово и Метохија да ги уживаат основните човекови права и нема намера да формира ЗСО, изјави претседателката на Собранието.

Според неа, Вучиќ не ги избегнува тие средби, колку и да се тешки и непријатни.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел синоќа на прес-конференција по билатералните средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека Курти побарал „формализација на основниот договор, да се отфрли писмото во кое поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, кон средината на декември минатата година изрази резервираност кои се однесуваат на обврските кои произлегуваат од договорот за патот кон нормализација на односите со Република Косово, вклучително и на анексот за неговото спроведување и за испорачување на Милан Радоичиќ на правосудните органи во Приштина“.

Ново на Сител