Балкан
17. April 2018 - 20:20

Брнабиќ: Извештајот на ЕК ја рефлектира Србија онаква каква што е

 Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Сем Фабрици денеска го предаде на премиерката Ана Брнабиќ извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во процесот на пристапување во ЕУ.
 
- Владата на Србија мора да ги стави реформите како приоритет, изјави Фабрици по состанокот со Брнабиќ, додавајќи дека „одреден напредок е постигнат во подобрувањето на правосудството и организираниот криминал, но кога станува збор за слободата на изразувањето, нема многу напредок“.
 
Тој констатира дека Србија мора да вложи напори да ги почитува постоечките договори помеѓу Белград и Приштина и да продолжи со нивната реализација.
 
Премиерката Брнабиќ на прес-конференција констатираше дека извештајот е детален, добар и позитивен за Србија.
 
- Извештајот ја рефлектира Србија онаква каква што е и сето она што треба да го сториме во иднина, не само поради пристапувањето во ЕУ, туку со цел да имаме посилна и поразвиена држава, наведе Брнабиќ.
 
Таа посочи дека во однос на владеењето на правото, извештајот го истакнува напредокот, но оти мора да се продолжи со работа.
 
Брнабиќ додаде дека предлогот за уставни амандмани е завршен, усвоена е и стратегијата за обвинителството, која не е вклучена во извештајот.
 
Што се однесува до економијата, премиерката рече дека тоа е областа каде што Србија постигна најголем успех.
 
- Имаме поповолна деловна клима за инвестиции. Се препознава дека постојат уште некои реформи кои Србија треба да ги продолжи, посочи Брнабиќ.
 
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во европските реформи, кој го објавија медиумите, се оценува дека Србија постигнала напредок во преговорите за членство во ЕУ, но дека целосното темпо на преговорите ќе зависи, пред се, од текот на промените во владеењето на правото и од нормализацијата на односите со Косово.
 
- Иако е постигнат одреден напредок во владеењето на правото, Србија треба да ги интензивира напорите и да даде подобри резултати, особено кога станува збор за условите за слобода на изразувањето, наведува ЕК.
 
Во извештајот, кој првпат е подготвен во период од една и пол година и вклучува длабока економска анализа, се забележува дека е потребно властите во Белград „да ја зајакнат независноста и севкупната ефикасност на правосудниот систем“ и „да постигнат одржлив напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал“.
 
Во документот на ЕК се наведува дека „Србија треба да го продлабочи ангажманот во дијалогот со Косово, вклучувајќи го и спроведувањето на сите договори, особено оној за енергетиката“.
 
Исто така, се нагласува дека „во врска со ова, добредојдена е иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ за започнување на внатрешниот дијалог за Косово“.
 
- Србија треба да продолжи да игра позитивна улога во регионот во подобрувањето на регионалните врски и зачувување на стабилноста, препорачува ЕК.
 
Според ЕК, економските реформи во Србија даваат резултати, особено во макроекономската стабилизација, но не се доволни државните и приватните инвестиции, а потребно е да се подобрат условите за бизнис за малите и средни претпријатија.
 
Комисијата забележува дека „и натаму се недоволни крупните структурни реформи на државната администрација, даночните власти и на државните претпријатија“. о