Свет
19. January 2016 - 8:27

Британските пратеници поделени околу забраната за Доналд Трамп

Британските пратеници останаа поделени во парламентарната дебата, што се водеше околу тоа  дали на Доналд Трамп, американски милијардер, а сега и политичар,  треба да му се забрани влез во Велика Британија.

Дебатата што се водеше, откако учесниците во кампањата „Стоп за Трамп“ собраа повеќе од 570 илјади потписи, барајќи од владата да го прогласи Трамп за „персона нон грата“ заврши доцна синоќа без гласање.

Пратениците муслимани и оние со азиско потекло, како и дел од опозициските лабуристички пратеници и од Шкотската национална партија (СНП) бараа Трамп да не може да влезе во Британија, поради, неговиот „говор на омразата“. 

Пратениците од владејачката Конзервативна партија, на премиерот Дејвид Камерон, пак,  иако не ги одобруваа неговите позиции кон муслиманите, инсистираа дека забраната би можела да се смета како „антиамерикански гест“.

Трамп, кој од летоска води во трката за републикански кандидат за претседател на САД, побара привремено да им се забрани влезот на муслиманите во САД, додека „не се расчистат работите со групата Исламска држава“.

Изјавата беше дадена по масакрот на двајца радикални американски муслимани во Сан Бернардино, во Калифорнија во кој беа убиени 14 лица.Таа  предизвика бурна реакција во САД, а осуди имаше и во меѓународната јавност, но далеку најсилни беа во Велика Британија.

Пратениците кои заговараа забрана за Трамп, го обвинуваа за изјавата што ја означуваа  како „екстремно опасна“ и загрозувачка за религиозната хармонија.

Конзервативниот пратеник Едвард Ли кој се спротивстави на забраната, објасни дека Трамп учествува во траката за да биде претседател на САД, најмоќната држава во светот, која е витален сојузник на Британија.

Ли смета дека апсурдни делуваат ваквите барања  за Американецот, кога Британија прима на гости „деспоти-политичари“ од разни страни во светот.

Пред дебатата во Парламентот во Лондон, компанијата Трамп интернешенел линкс Скотланд„ издаде соопштение во кое ја осуди ваквата парламентарна расправа.

„Смешно е Британија да води дебата во Парламентот за изјава дадена во Америка,  за американските граници и за време на американска политичка кампања“ се вели во соопштението.

Досега, на 84 лица ,британските власти им  забраниле  влез или ги протерале од земјата.