Свет
14. September 2015 - 12:53

Британската Влада воведе нова министерска функција задолжена за сириските бегалци

Британскиот премиер Дејвид Камерон ја информира јавноста дека пратеникот Ричард Харингтон го назначил за помошник државен министер за бегалци, пренесоа француските медиуми.

„Ричард Харингтон ќе одговара за координација на работата во Владата за сместување на 20.000-те сириски бегалци во Велика Британија, како и за координација на владината помош за сириските бегалци во регионот“, соопшти денеска кабинетот на премиерот, во моментот кога Камерон пристигна во посета на сириски бегалси камп во Либан.

- За сириските бегалци назначувам конкретен член на Владата за да може брзо да го реализираме нашето ветување за топол прием за 20-те илјади лица, рече  Камерон за телевизијата Скај њуз од сирискиот бегалски камп во Либан. „Сакав да дојдам тука и самиот да видам и да слушнам за нивните истории и за тоа што тие сакаат или за што имаат потреба“, додаде премиерот.

Соопштението доаѓа едвај една недела откако британската конзервативна Влада, која одбива да се вклучи во европските квоти, ја соопшти својата намера во следните пет години да прими во земјата 20.000 сириски бегалци.

Велика Британија за една година веќе прими 216 Сиријци од ранливите категории бегалци, а од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година има одобрено азил за приближно 5.000 Сиријци.

Приближно четири милиони Сиријци се избегани од својата земја од почетокот на конфликтот, а над 240.000 се убиени во него.

Камерон денеска пристигна во ненајавена посета на Либан. Освен посетата на сирискиот бегалски камп во долината Бека, во источниот дел од земјата, неговата програма предвидува и средба со либанскиот премиер Тамам Салам.

Либан веќе прими околу 1,2 милиона сириски бегалци, што е еднакво на над една четвртина од населението во земјата, забележа  ДПА.