Брисел продолжува со состаноците за стабилизација и асоцијација
Во соопштението по денешнито Совет меѓу ЕУ и Македонија е наведена „потребата да се воспостави одговорност за прислушувањето и нападите во Собранието на 27-ми април, да се обезбеди судска независност, слобода на медиумите, слобода на изразувањето, почитување на човековите права и реформата на јавната администрација“, проактивни политики за понатамошно зголемување на довербата и изградба на мостови меѓу заедниците.
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференција по состанокот истакна дека истиот поминал одлично и дека на истиот се покриени разни теми, што според неа е одраз на новото чувство на оптимизам и нов почеток за земјата.
- Скопје се соочи со сериозна и долга политичка криза изминатата година, при што ЕУ застана цврсто до вас во тешкиот период за земјата со цел посредување на политички дијалог кој најде решение во согласност со Уставот. Мило ни е што денес имаме нов почеток за земјата, нов оптимизам и силна заложба што ни овозможува да ги насочиме нашите енергии на реформите што се потребни за граѓанитеи ги сакаат, а со цел перспектива за интеграција во ЕУ на земјата и на целиот регион - порача Могерини.
Како дополнување на Високата претставничка на Унијата, еврокомесарот Јоханес Хан порача да не се носат избрзани законодавни решенија што треба да минат низ парламентарно одлучување, туку да има суштински консултации.
- Во овој поглед ние ја поздравуваме намерата да се работи со сите засегнати страни, вклучително и со опозицијата. Но, за тоа, потребна ви е конструктивна опозиција и важно е да се вклучат сите на инклузивен и конструктивен начин на реформската агенда за ЕУ - беше дециден Хан.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека на денешниот Совет е разговарано за меѓусебните односи и констатирана е отворена и конструктивна соработка во духот на меѓусебното почитување и разбирање.
- Новата Влада што се роди по ЕДНА долга и тешка, како морална, така и политичка и институционална криза е Влада што има едно суштинско ветување кон граѓаните, а тоа е да се работи на градење независни и функционални институции што ќе обезбедат со Република Македонија да владее правото, а не еден лидер или група на лидери. Во таа смисла, овој контекст не прави блиски партнери со европските институции, со Еворпската комисија и со земјите-членки - посочи Димитров.
На крајот, вицепремиерот Бујар Османи на прес-конференцијата посочи дека по една година прекин на одржувањето на Советот за стабилизација и асоцијација на Европската унија и Македонија, поради тешката политичка криза во земјата, дека ова е добар знак дека земјата се враќа на патот кон евроинтеграциите.
- Три основни пораки кажав денес на самиот Советот, а тоа е дека државата ги прифаќа сите препораки на Еврокомисијата за реформите, дека е време да испорачаме конкретни резултати и дека тие реформи ќе ги направиме во еден инклузивен сеопфатен процес со граѓанското општество и со опозицијата - рече Османи.
-

Бобан Нонковиќ
Сите содржини од овој новинар
