Македонија
29. October 2019 - 8:55

Брезно – шарпланинско село за сите сетила

За да се пристигне до шарпланинското село Брезно, од Лешок во правец на шумата треба да се поминат 4,5 километри. Уште по овој пат се забележува живописната природа во која се наоѓа Брезно. Есента ги распослала сите можни бои на вегетацијата што се среќава по пат. Брезно брои околу 80 куќи, од кои во педесетина од март до ноември претежно преку викендите доаѓаат сопствениците со семејства за неколкудневен престој. Некои од нив живеат тука во летните месеци.

– Селото е иселено во 1960-тите години од економски причини. Индустријализацијата како нов начин на егзистирање е причината луѓето да почнат да работат во фабриките, а сè помалку да се занимаваат со сточарство и земјоделство, објаснува Илија Тодоровски, кој потекнува оттука, но живее во Тетово.

Голем број куќи останале со изгледот како кога биле изградени на почетокот на минатиот век, според автентичната архитектура на селата. Градени се со камења, со големи чардаци, дрвени скали. Претежно сите имаат големи дворови, каде што исто така се забележува бујна вегетација. Разни видови овошки, како и бавчи каде што се одгледуваат полјоделски култури.

– Во текот на децениите тука постојано живееле најмногу по десетина луѓе и преку зима и преку лето. Последните две децении оние што доаѓаат од другите градови ги користат како викенд-куќи, а пензионерите кои имаат можност престојуваат тука преку цело лето. Голем број од нив ги реновирале, но инфраструктурно, за да можат да издржат, и тоа претежно на покривите. Останати се градбите од камења и дрва, вели Валентин Тасевски.

Освен убавата природа и куќите, Брезно е препознатливо и по убавите овошја што тука успешно растат. Пред сè станува збор за квалитетни костени што ги има насекаде околу селото и во шумата, како и благите дренки.

– Костените се поприлично големи, сочни и „благи“. Такво е поднебјето, шумски предел со многу сонце и затоа толку убаво успеваат. Речиси нема семејство што нема свои костенови дрва надвор од селото во шумскиот предел. Дренките исто така можат да се најдат на секој чекор. Посебно годинава ги има многу и се поприлично благи и сочни, објаснува Илија.

Една од позначајните карактеристики во селото е Милеската чешма, чија вода овозможува да се „вкуси“ благодатната природа на овој предел. Оваа чешма е стара најмалку еден век, со оглед дека и најстариот жител, 82-годишниот Живко, вели дека ја памети уште како дете, а му кажувале дека постоела уште пред многу години.

– Чешмата има извор некаде далеку во висините на Шар Планина. Водата е пријатна и убава за пиење. Сите домаќинства во селото, кога доаѓаат тука, ја пијат оваа вода. Не ја пијат таа во своите куќи, туку доаѓаат овде и полнат со шишиња и носат дома. Дека е подобра водата велат и од некои други села, како Теарце, Лешок, па и Слатино, од каде што доаѓаат да наполнат за да имаат за пиење дома, рече Живко.

На еден и пол километар од селото е формирано и Брезјанско Езеро. Има доводни канали, но со години се затрупани. Затоа е започната иницијатива за обнова, односно езерото да се наполни со вода и како во минатото да биде атрактивно место за излети и викенд-посети.

– Започнавме со чистење на доводниот канал од месноста Соколец до Брезјанско Езеро. Лоцирана е трасата, најден е цевководот. Засега ја отстранивме вегетацијата што можеше да се исече рачно, а понатаму ќе се работи и со моторни пили за да се тргнат дрвјата што се паднати врз каналот, вели Тасевски.

Со возобновување на езерото, поголема е атрактивноста за посети. Шумскиот предел е идеален за летни престои и бегство од високите температури и од жештината.

– Ние како иницијативен одбор имаме замисла да се направат патеки околу езерото каде што ќе може да се пешачи, патеки кон Брезно и кон другите села на Шар Планина. Спроти езерото има и поголема ливада каде што може да се направат спортско-рекреативни терени. На една од страните на езерото предвидуваме изградба на места за дневен престој со маси, столови, натстрешници, места за скара и слично, вели Илија.

Тој ја потенцира местоположбата како идеално место за излетничко место, а воедно во иднина со потенцијал за туристички престој.

– Селото се наоѓа на околу 970 метри надморска височина, а езерото на 1.050 метри. Тука лете има многу пониски температури од градот и селата во рамнина. Исто така нема промена на воздушниот притисок, па е одлична прилика и за луѓето што имаат покачен васкуларен притисок. Тие не смеат да менуваат места со голема разлика во надморската височина, но не е така со Брезно. Тука може релаксирано да престојуваат и да одморат и да „избегаат“ од жештините лете. Со еден збор, пределот претставува воздушна бања, рече Валентин.

На неколку километри од Брезно се наоѓа и месноста Селиште. Тоа е старото место каде што некогаш постоело Брезно во османлискиот период. Во текот на годините селото е префрлено на сегашната локација. Во Селиште, кое претставува и археолошки локалитет, сè уште постои и црквата „Свети Илија“ каде што се чествува празникот Илинден секој 2 Август. Во Брезно постои црквата „Света Богородица“ каде што селската слава се чествува на празникот Успение на пресвета Богородица на 28 август.

Александар Самарџиев/МИА