Спорт плус
7. September 2018 - 18:45

Бранковски ја оствари првата олимписка норма

Од 1 до 15 септември 2018 година во Кореjа се одржува Светското првенство за стрелаштво во сите дисциплини  На првенството свој настап во дисциплината воздушен пиштол мажи – 60 имаше и Борјан Бранковски од Македонија, кој оствари висок резултат од 570 кругови и пласман на 66. место од 116 учесници.

„Постигнатиот пласман е најдобар во спортското стрелаштво во дисциплината воздушен пиштол 60, но и воздушна пушка мажи и жени постигнат на едно Светско првенство за Македонија на кое конкуренцијата е извонредно силна“, велат од стрелачкиот клуб „Стрелец“ од Скопје.

Големиот успех и исполнување на првата oлимписка норма за Македонија, и тоа повторно во спортско стрелаштво во олимпискиот циклус за учество на ЛОИ Токио 2020 година, велат од клубот е знак дека спортското стрелаштво е редовен учесник на олимписките игри, а овој успех, додаваат оттаму, немаше да биде остварен без поддршка на Македонската спортска стрелачка федерација, Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, како и од страна на клубски тренер Јордан Тасевски, велат од клубот.

На ова Светско првенство покрај Бранковски, свој настап имаше и Јане Џингов,  кој веќе има исполнето минимална олимписка норма со резултат од 602,6 кругови со пушка, кој му обезбедува учество на Младински олимписки игри 2018.

„За жал, на овој натпревар за него работите не одеа на добро со тоа што пред самиот почеток на првата партија од квалификациите при полнење на боцата се скрши системот за полнење на истата по што иако по направени напори за учество во втората квалификациска рунда, учеството на натпреварот за него беше неизвесно бидејќи од страна на сервисниот штанд на производителот feinwerkbau боцата му беше вратена пред самиот старт на квалификациите“, велат од клубот.

Но, и покрај проблемите, додаваат од „Стрелец“, Јане Џингов постигна резултат од 583,9 кругови, кој иако е далеку под неговите можности, сепак, беше повисок од минималната олимписка норма за учество на младински олимписки игри, која изнесува 580 кругови.