Македонија
24. July 2021 - 20:07

Брачен пар од Велес со примени две дози на вакцина добиле позитивен корона тест, пациентката завршила на Инфективна

Жена од Велес, со примени две дози вакцина е заразена со коронавирус. Имала болки во градите, па побарала лекарска помош. Анализите направени по препорака на матичниот лекар, откриле оштетување на едното белодробно крило, а веднаш бил направен и ковид тест кој покажал присуство на вирусот.

„Се најде податок дека дишењето на левото белодробие е изгубено. Вклучивме терапија и веднаш дадовме тестирање и излезе корона позитивна. Пациентката е вакцинира со втора доза на кинеската вакцина пред месец и половина. И јас и пациентката бевме изненадени бидејќи месец и половина е доволен период да се создадат антитела, но пациентката беше со потешки симптоми и е задржана на Инфективното одделение во Велес“, вели Лилјана Чолакова Дервишова, матичен лекар

40 годишната пациентка по неполни 24 часа била пренесена на инфективната клиника во Скопје, бидејќи како што појаснуваат од велешката болница, жената имала наод на белите дробови.

Позитивни ковид тестови добиле уште синот и сопругот, за кого Чолакова –Дервишова вели дека и тој имал примено две дози вакцина. Двајцата имале само покачена телесна температура.

Жената најверојатно се заразила во Скопје на своето работно место каде уште еден колега пријавил дека е позитивен на вирусот.

„Пациентката работи во Скопје и нејзин колега исто така кој што е вакциниран со фајзер е исто така позитивен. Она даде податок, бидејќи секогаш анамнезата кај матичниот доктор е многу важен податок, да колешката претходно од Куманово била позитивна и отпосле наведе дека, знаете, јас заборавив да ви кажам дека имам колешка која е позитивна. Така почнавме да размислуваме, бидејќи, сепак луѓето кои се вакцинираа очекуваме да имаат антитела и да имаат отпорност, барем некаква“, рече Лилјана Чолакова

Од министерството за здравство велат дека денеска не можат да обезбедат информации дали и други граѓани се заразени иако претходно примиле две дози вакцина.. Бил потребен подолг период за споредување на податоците од системот „мој термин“ каде се евидентираат вакцинираните, со оние од центрите за јавно здравје кои ги регистрираат новозаразените.