Болсонаро избега во САД па се прогласи за „лидер на Бразил“

Поразениот претседателски кандидат, Флавио Болсонаро, во првото јавно обраќање откако тајно ја напушти земјата се прогласи за „лидер на Бразил“.
Тој изјавата ја објави преку социјалната мрежа Икс, откако замина за Мајами и покрај забраната за патување. Во првичната верзија на објавата се нарекол „вистински избран претседател“, за подоцна да ја смени формулацијата во „лидер на Бразил“. Агенциите посочуваат дека корекцијата ја направил затоа што првичната формулација можела да му предизвика проблеми.
Во објавата Болсонаро тврди дека имало „одвратна изборна измама“ и дека победата на актуелниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва на изборите во неделата била овозможена со поддршка на корумпираниот судски систем.
Тој најави дека од странство ќе ја предводи борбата за демократија во Бразил и ќе се обиде да го спречи Лула да воспостави, како што го нарече, „диктаторски режим“.
„Не избегав од Бразил. Заминав за доброто на Бразил“, напиша Болсонаро.
„Против мене нема налог за апсење бидејќи не сум сторил никакво кривично дело. Она што постои е политички мотивиран лов на вештерки“, додаде тој.
Флавио Болсонаро е сенатор и најстар син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој беше осуден на 27 години затвор за обид за државен удар.
Телевизиските снимки го прикажаа помладиот Болсонаро како излегува од приватен авион на аеродромот во Мајами, заедно со сопругата Фернанда и ќерките Каролина и Луиза.
Американскиот Стејт департмент претходно соопшти дека ќе им издаде визи на Болсонаро и на членовите на неговото семејство и ќе им дозволи влез во САД.
Во својата изјава Болсонаро им се заблагодари на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и на американскиот претседател Доналд Трамп. Според аргентинските имиграциски власти, тој отпатувал во Аргентина, од каде што со приватен авион тргнал кон Еквадор, а потоа, според достапните информации, продолжил кон Мајами.
Забраната за патување му била изречена во рамките на истрага за наводно перење пари. Болсонаро ги негира обвинувањата.
Според изборните власти, Болсонаро го загубил вториот круг од претседателските избори во неделата, освојувајќи 48,2 процента од гласовите, наспроти 51,8 проценти за Лула. Неговата десничарска партија ја призна победата на Лула.
МИА
Ново на Сител
-

Уапсени двајца велешани, пронајдени марихуана, таблети и дигитална вага
-

До 20 ноември аплицирање за студентска стипендија, вкупно 3000 можни стипендии
-

Скопје денеска имаше најстудено утро, локален дожд попладне и во текот на ноќта
-

Денеска е Митровден - празник посветен на Светиот великомаченик Димитриј
-

САД нудат награда до 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма
-

Одбележани 130 години од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје
-

Трамп бара истрага против демократите, ги обвини за „кривично дело“
-

Крвав напад во Краков: Најмалку шест загинати, уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот
