Македонија
18. March 2022 - 16:42

Бојан Јовановски тврди дека го измамиле, бара ослободителна пресуда

Не мамев бизнисмени, мене ме измамија политичарите. За неуспехот на невладината, „Меѓународен сојуз“, Боки 13ка, прстот го впери кон поранешниот премиер Заев и неколкумина функционери на власта. Рече дека единствена цел му била да се изгради старечкиот дом.

Во завршницата на судењето, Јовановски освен за себе, побара ослободителна пресуда и за останатите обвинети. Рече дека не само Фросина Ременски, туку и многу други политичари знаеле дека бизнисмените Мицевски и Амзовски платиле илјадници евра за да се градат старечки домови во Битола и скопски Карпош.  

Смета дека во државата се било политизирано, па и судењето го нарече политички предмет.

Горд е на проектите за изградба на старечки домови, бидејќи како што рече, имале капитално значење за државата. Негираше дека парите кои ги поседувал биле од измама на бизнисмени. Заработувал како шоумен, ама потекнувал и од богати семејства со огромен имот и злато.

Пресудата за „Меѓународен сојуз“, Јовановски и останатите обвините ќе ја слушнат на седми април. Обвинет е дека измамил двајца бизнисмени за сума од околу еден милион евра, а во тоа му помогнале неговиот татко, пратеничката Ременски и раководни луѓе во невладината. Сите одговараат за измама и перење пари.