Свет
21. July 2015 - 17:26

Блокадите кај Кале го нарушуваат сообраќајот во тунелот под Ламанш

Компанијата „Евротунел“ предупреди денеска дека доколку француската полиција не интервенира за отстранување на блокадите поставени на патиштата околу Кале, ќе дојде до значително нарешување во сообраќајот на редовната железничка врска меѓу Велика Британија и континентот.

Вработените во една од француските ферибот компании кои учествуваат во поморскиот сообраќај меѓу Кале, на францускиот и Довер на британскиот брег, штрајкуваат палејќи автомобилски гуми на приодите кон пристаништето и кон влезот во тунелот под Ламанш, во обид да ги натераат француските власти за повисоки плати и подобри услови за работа.

Според компанијата „Евротунел“, сообраќајот од британска страна, кај Фолкстон, каде возовите „Евростар“ влегуваат во тунелот под каналот, на пат за Франција и Белгија, засега не е засегнат од протестите кај Кале, но на патниците и на туристите кои ги користат патничките и товарните услуги на тунелот им се советува да ги преиспитаат своите планови за патување.

Француската полиција засега го толерира однесувањето на демонстрантите и блокадите со палење на гуми. Еден претставник на полицијата од Кале им изјавил на британските медиуми дека запалените баракади ќе бидат тргнати во текот на денешниот ден.

Медиумите во Лондон на случувањата во Кале им посветуваат големо внимание, затоа што тоа е патот преку кој Британците влегуваат во Европа или се враќаат назад.

Лондоснкире медиуми протестите и блокадите ги означуваат како „илегални“ оценувајќи го дејствувањето на демонстрантите како „криминално и насилничко“.

Протетсите почнаа уште пред крајот на минатиот месец, а француските демонстранти се закануваат дека протестите може да траат со месеци.

Долги колони од паркирани камиони се наоѓаат на британската страна, во очекување да се расчистат состојбите во Франција и да се ослободат патиштата околу Кале.

Британски економски експерти предупредуваат дека доколку навистина продолжат блокадите, тоа може да ја чини британската економија и една милијарда фунти.