Балкан
19. February 2019 - 8:56

„Блиц“: САД подготвени на поекстремни потези кон Приштина

По одбивањето на Приштина да ги повлече таксите за производи од Србија, САД се подготвени на поекстремни потези, кои би требало да ги погодат директно политичките лидери на косовските Албанци и нивните главни проекти, пишува денеска „Блиц“.

Тие мерки, наведува весникот, би можеле да опфатат одбивање гостопримство на косовските лидери, санкции кон опремата на косовската војска, укинување субвенции наменети за изградба на приштинските институции.

Соговорникот на „Блиц“ од косовскиот Парламент, добро запознат со приликите во Приштина, наведува дека Америка не би сакала нивните идни акции да паднат на товар на граѓаните. Затоа, нивното дејствување би можело да биде насочено кон косовската војска, блокада на зделките поврзани со вооружување, затворањето на славината кога станува збор за парите кои тие ги вложуваат во изградба на институциите во Приштина, но и одбивање на гостопримството на косовските лидери.

-САД отворено инсистираат на тоа дијалогот (со Белград) да се одблокира, но не сакаат санкциите да бидат насочени против народот. Засега е извесно дека би можеле да повлечат потези кон Косовските безбедносни сили во врска со опремата, која е договорена да биде испорачана, а станува збор за оклопни возила, но и преку контакти со највисоките претставници на КБС. Тоа најмногу ги боли. Втората линија на притисок се парите што Приштина ги добива од САД за градење на демократски институции, наведува изворот за „Блиц “.

Тој додава дека еден од овие чекори – одбивање на гостопримство – веќе е применет. Тоа се случи пред десет дена кога косовскиот премиер Рамуш Харадинај не доби виза за САД да присуствува на молитвениот појадок во Белата куќа.

Весникот потсетува дека Белата куќа веќе испрати писмо до косовските лидери, во кое тие не го кријат своето незадоволство и неверување од потезите на Приштина и навестуваат конкретни мерки, а една од нив е откажување на посетата на командантот на Националната гарда на Ајова.