Бизнис
8. February 2021 - 16:32

Бизнисот се противи на планот за недела неработен ден

Ако недела стане неработен ден за едни ќе биде поскапо, за други помалку конкурентно. Но може да бидеме и на листата земји кои се неатрактивни за странските компании. По најавата од Владата дека при крај е законското решение, каде недела ќе стане неработен ден, освен во некои дејности, реагираат и од Стопанската Комора. Велат има сектори кои не дозволуваат прекин, посебно во производството. Компаниите укажуваат дека ограничувањето на можноста за работа во недела, или наметнувањето на дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е дел од редовниот работен процес, ќе влијаат на нивната  продуктивност, но и на нивната конкурентност на регионалните, но и на глобалниот пазар, а истовремено може да биде доведена во прашање атрактивноста на РСМ како дестинација за странски инвестиции, се наведува во соопштениото.

Според нив и во сегашниот закон е предвидено да се плаќа повисока дневница за работа во недела, по што работникот има право на ден за одмор. Забрана за работа, може да ја намали потрошувачката кај нас, а парите да завршат во соседството, велат од Комората. Зошто не се почитува сегашниот закон и каде се инспекциите, прашуваат и од Организацијата на работодавачи.

Реагираат и од Занаетчиската Комора – Според нив, има дејности кои мора да работат последниот ден во неделата. Тоа се цвеќари, фотографи, козметичари, фризери, односно оние за кои побарувачката на производи и услуги им е најголема во недела. Од Големите трговски центри пак, кои според најавите, ќе останат затворени во недела, засега молк. Не сакаат да коментираат, се додека не го видат законското решение.

Предлог законот, според најавите на вицепремирот Битиќи, оваа недела ќе се  финализира. Потоа ќе треба да биде изгласан и од пратениците во Собранието.