Бизнис
24. November 2021 - 16:47

Бизнисот предупредува: Новите мерки ќе придонесат фирмите да затворат, а работниците да останат на улица

Згаснување на фирми и вработени на улица. Според Сојузот на стопански комори ова може да биде епилог од предлогот на синдикатите – плаќањето  за ПЦР тестот да биде на товар на работодавачите. Од ССК бараат одржливи мерки кои ќе дадат ефект врз сузбивање на пандемијата и одржување на економијата а не преодни решенија.

– Во услови на инфлација, раст на цените на сите суровини и репроматеријали, стотици парафискални давачки, наместо олеснување и креирање на политики за економско заздравување, ваквото наметнување на нов трошок за ПЦР тестови само ќе придонесе за згаснување на претпријатијата и продукција на зголемен број на невработени лица кои ќе паднат на товар на државата. Проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок, за да би можеле деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се на пример редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално неспроведливо. Се надеваме дека ќе преовладее разумот и ќе има разумни решенија, изјави Александра Андреева, од ССК.

И Стопанската Комора предлага да има задолжително тестирање најмалку еднаш неделно за невакцинираните, но тоа да биде на товар на работникот. Според СКМ треба да има брзи антигенски тестови кои се поевтини од ПЦР.

Инаку идејата тестот да биде на товар на работодавачот произлезе од Синдикатите по средбата со министерот Филипче на која ги усогласуваа ставовите околу мерките дадени од Комисијата за заразни болести.

Според информациите од владината прес служба, предлогот на Комисијата – сертификат со најмалку една доза на вакцина или негативен ПЦР на сопствен трошок, како и задолжителна вакцинација за здравствените работници, ќе биде на дневен ред на следната седница на Влада.

По нивно усвојување ќе има одреден период за прилагодување на граѓаните.