Бизнис
20. September 2017 - 17:09

Бизнис заедницата очекува резултати од владините мерки за економски раст

Владините предлог мерки за поддршка  на економскиот раст се креирани со цел компаниите да влезат во нови инвестициски циклуси и да ја подобрат конкурентноста. Доколку нема нови инвестиции ќе нема и директни пари од државата, која пак ќе ги подобрува капацитетите на Македонската банка за поддршка на развојот со цел да обезбеди посилни механизми за осигурување на наплатата на извозот.

Тоа се дел од пораките што ги упати денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината за Планот за економски раст на Владата пред претставници на стопанските комори, стручната и академската јавност и граѓанските организации.

Анѓушев потенцираше дека Владата сака да обезбеди раст на економијата, со вклучување и на домашните и на странските компании,  а средствата да не бидат насочени само кон одреден број од нив. Се ќе биде транспарентно  и ќе нема потреба да се преговара со никого поединечно, изјави Анѓушев.

За бизнис заедницата предложените владини мерки се применливи и е добро што е јасно дефинирана целната група затоа што, како што порачаа, поддршката за успешните компании ќе придонесе  тие да ги повлечат развој и на останатите.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески  очекува резултати од мерките, кои директно произлегле од барањата на коморите.

- Имаме конкретен носител на програмата, за неа се обезбедени конкретни средства, имаме целна група односно успешните компании во Македонија. Сето ова на Стопанската комора и дава гаранција дека оваа програма ќе биде успешна и оти ќе се поттикне економскиот раст, односно на ваков начин ќе може да зачекориме кон поголем економски развој, изјави  Азески.

Дел од бизнисмените сугерираа во поддршката од државата за отворање развојни центри, покрај странските, да бидат вклучени и домашните компании, а упатија критики и на капацитетите на МБПР.

Според Глигор Цветанов од „Макпрогрес“, мерките ќе дадат дополнителен стимул за македонската економија особено на успешните и извозно ориентираните фирми. Се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки за работата на МБПР која, потенцираше, треба да има подобар капацитет да го осигура извозот на компаниите.  Со финансиска  помош за развојни центри домашните компани  ќе ја зголемат конкурентноста, иновативност и квалитет на производите, наведе Цветанов.

Генералниот директор на „Алкалоид“ ад Скопје Живко Мукаетов смета дека мерките ќе бидат нов елан и допонителен ветер во грб за бизнис заедницата. - Драго ми е што станува збир за сегмент каде би се помогнале и инвестиците, извозот и вработувањата  и тоа врз база на нешто што ќе се направи, а после тоа да се добие, рече Мукаетов, кој бара паралелно да се решаваат и обврските на државата кон компаниите.

Како што потенцираше вицепремиерот Анѓушев, предложените мерки треба да обезбедат пет проценти раст на БДП на среден рок и да ја намалат невработеноста за кој сегмент ќе има и друг сет мерки во образованието. Тоа ќе биде предмет на посебна анализа, бидејќи моментно целокупната македонска индустрија се соочува од недостаток од квалификувани оператори поради што ќе мора да се направат промени во образовнииот систем  поради што се работи на нова програма во соработка со неколку странски амбасади, информира Анѓушев.

Најави дека ќе се работи на тоа МБПР да дава директни кредити за домашните фирми, а не како сега преку комерцијалните банки што ги поскапува кредитите. Ќе се згомеува и нејзиниот капитал, што ќе се одвива во неколку години за да може поддршката да биде обемна, а ќе се надградуваат и капцаитетите на оваа банка во обезбедувањето  осигурување на наплатата на побарувањата на македонските извозни компании.

Претседателот на  Македонската академија на науките и уметностите Таки Фити оцени дека е добро што ќе нема поддршка од државата ако нема резултати од фирмите со зголемување на приходот и одржување на невработеноста со соодветно ниво во однос на претходните три години.

- Особено е важно  што се инсистира на зголемување на соработката на домашните претпријатија со странските директни инвеститори, рече Фити.

Владиниот план за економски раст со мерки на индустриската политикка за поттикнување на инвестиците, извозот и конкурентноста на макеоднската економија вчера беше претсавен и пред претставниците на меѓународната заедница.