Македонија
31. August 2018 - 16:38

Битолските училишта добија струја

На три дена до почетокот на новата учебна година, битолските училишта кои ЕВН ги исклучи од електричната мрежа заради неплатени сметки, конечно добија струја. Дел од долгот е исплатен и сите училишта во Општина Битола имаат струја. Првиот училишен ден сепак ќе започне со звукот на ѕвончето.

- Успеавме училиштата да ги одблокираме з краток период за да ни се даде законска можност заостанатиот долг во најголем дел да го подмириме и со тоа да ни се овозможи со одредена динамика на доисплата на помалку заостанатиот дел и добриот слух на ЕВН како општествено одговорна компанија, практично електричната енергија во училиштата да биде пуштена, изјави денеска, НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА БИТОЛА.

Вкупниот долг кон ЕВН на блокираните училишта изнесуваше над 8 милиони денари. Останатиот дел од долгот ќе биде исплатен со соодветна динамика.

- Најголем дел од долгот е исплатен, ситуацијата во различни училишта е различна. Некаде 100% е исплатена сумата, некаде 80%, некаде 70%.  Во изминатиот период имавме макотрпна работа токму со доверителите кои што беа на листа на извршување и благодарение на разговорот и на взаемната доверба, успеавме во краток период да ни бидат одблокирани училиштата, рече Петровска.

Од јули, на 10 училишта со блокирани сметки им беше исклучена струјата, а во меѓувреме едно од нив успеа да плати дел од долгот и повторно да биде вклучено на електричната мрежа.