Македонија
14. October 2020 - 12:38

Битолските малолетници возат мотори без дозвола

Голем број малолетници кои не ги исполнуваат условите, возат мотоцикли и веспи низ Битола. Од полицијата упатуваат апел до сите учесници, да нема повеќе беснеења низ градот, како што тоа беше случај летово.

-Ова лето бевме сведоци на урлање низ битолските улици. Не сакаме репресивни мерки да преземаме, сакаме превентивно да дејствуваме не само врз децата туку и врз родителите кои ги купуваат тие веспи. Имаме голема бројка затекнати малолетници кои управуваат веспи, а се уште не ги исполнуваат условите. Јас мислам дека репресивните мерки не помагаат во самото однесување, тие се деца, правилно не размислуваат затоа што не ги ни знаат правилата за однесување во сообраќајот, вели Сашо Гилевски, началник за отсекот за превенција при СВР Битола.

Од битолските здруженија на мотоциклисти велат дека најосновно што треба да се знае и да се почитува е носењето заштитна опрема и да се вози според правилата, нешто што тие како клубови го применуваат и го промовираат постојано. Но апелираат и до родителите.

-На своите малолетни деца да не им купуваат веспи и други моторни возилка на две тркала, се додека не ги исполнат законските услови за управување со истото. Да имаат навршено 16 години, лекарско уверение, заштитна опрема и да поседуваат важечки документ за управуавње со истото, вели Даниел Ивановски, здружение на мотоциклисти„Ѓорѓи Стефановски“ – Битола.

-Во последно време намалено е тоа дивеење низ Битола, тука треба повеќе акција да преземе полицијата, покрај нив лошо име имаме и ние како здружение на моторџии, вели Ромео Јовановски од мото клубот „Конзули“ од Битола.

Во текот на целата година полицијата презема превентивни мерки со кои им се укажува на младите мотоциклисти за нивната безбедност, но заради корона кризата оваа година беа во намален број.