Битолскиот суд одби да го стави Марковски во притвор
Обвинителството поднесе жалба на одлуката со која битолскиот суд го спаси од притвор газдата на Марковски компани. Борче Марковски заедно со уште еден екс директор во ЕСМ наместо зад решетки, истрагата за тендерски малверзации тешка над 100 милиони денари ќе ја следи од куќен притвор.
Во Обвинителството се загрижени што Судот ослободува човек за кој постои реална опасност да побегне од Македонија имајќи предвид дека поседувал значителен имот во странство.
Загрижени се и во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а одлуката на судот ја сметаат за политички притисок на СДСМ и ДУИ.
Обвинителството вчера отвори истрага против 8 лица за тендер во РЕК Битола за кој се сомнева дека бил распишан само за да се испумпаат пари од буџетот.
Според официјалните податоци, Марковски компани за 5 години од тендери во РЕК Битола инкасирала над 140 милиони евра, најчесто без конкурентна постапка и со договор во 4 очи.
Во најголем дел од нив за подизведувачи биле ангажирани фирми кои сопственички се поврзуваат со претходното раководство на СДСМ.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
