Македонија
28. December 2020 - 13:08

Битолскиот центар за јавно здравје регистрира помалку случаи

Вкупниот број на тестови во Битола е зголемен, а бројот на позитивни случаи е намален, велат од битолскиот Центар за јавно здравје. Отворен е уште еден пункт за брзи антигенски тестови, каде се планираат дневно по 30 термини за тестирање.

-Со воведувањето на брзи тестови се намали притисокот и потребата за правење на ПСР тестови и всушност е намалена бројката на ПСР тестови. Инаку вкупниот број на тестови сега што се работат во Битола е поголем од претходно. Сметаме дека 30 тестови дневно од брзите, ќе бидат сосема доволни, за да се задоволат потребите на граѓаните на Битола, затоа што уште 30 тестови се работат во Здравствен дом и околу 50-70 работиме PCR тестови. Доколку има потреба, ние оваа бројка можеме да ја зголемиме, според потребите на граѓаните“, изјави Д-Р Елизабета Крстева Директор на ЦЈЗ Битола..

Простор за новиот пункт и брзите тестови се обезбедени од Општина Битола, а закажувањето е преку Мој Термин. Дали ќе продолжи трендот на намалување на позитивните случаи во Битола,  зависи како ќе се почитуваат препораките за време на празниците, вели д-р Крстева.

-Ако се почитуваат препораките, овој тренд ќе го задржиме. Но, ако се заборавиме и се опуштиме зашто се релативно ниски бројките, тогаш ќе ни се случи тој трет бран, и ќе се вратиме на бројките кои ги имавме на крајот на ноември и почетокот на декември, рече д-р Крстева.

За десет дена во Битола за околу 200 е намален бројот на позитивни случаи.