Битолчанката Љубица Мешкова Солак добитник на наградата „Борислав Траиковски“
Ликовната уметница Љубица Мешкова Солак е годинашен добитник на наградата „Борислав Траиковски“ која ја доделува Друштвото на ликовни уметници на Битола-ДЛУБ.
На синоќешната свеченост во националната галерија „Магаза“, претседателот на ДЛУБ, Драган Најденовски истакна дека за наградата конкурирале 22 ликовни уметници, а наградата на Мешкова Солак и припадна за делото „Океаниа“, работено на техника масло на платно.
- Прекрасно е чувството кога еснафот ви доделува награда, кога ликовното дело го оценуваат луѓе кои внимаваат на секој детаљ, а воедно го имаат пред вид делото на големиот уметник и основач на ДЛУБ-Битола, Борислав Траиковски. Признанието го разбирам како потврда на тоа што го работам и мотив да продолжам со тоа, рече меѓу другото ликовната уметница Мешкова Солак, на која наградата и ја врачи претставник на семејството Траиковски, неговиот внук, адвокатот Никола Главинче.
Годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници ја поддржа Македонското научно друштво, МНД-Битола кое годинава во рамките на своите програмски активности ќе издаде монографија за Борислав Траиковски.
- МНД-Битола со посебна почит го негува делото на ликовниот уметник и доајен на македонското сликарство Борислав Траиковски и во негова чест, а по повод 100 - годишнината од раѓањето на Траиковски ќе издаде монографија. Станува збор за посебно монографско издание кое е поддржано од националните, регионалните и локални институции, посочи Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.
Годишната изложба на ДЛУБ со делата на Љубица Мешкова Солак, Панде Петровски, Николче Славевски, Илија Коќовски, Здравко Крстевски, Владимир Темков..., освен во Битола во текот на наредниот месец ќе биде презентирана и во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“-Прилеп, а културниот настан и каталогот се финансирани од Министерството за култура.
Ново на Сител
-
Лишен од слобода криминалец баран со потерница за казна затвор од 20 години
-
АХВ: Вонредни контроли во Крива Паланка, уништена небезбедна храна и изречени казни
-
Лишен од слобода маж од Порој поради кривично дело убиство
-
Без вода жителите од Сопиште и Чаир
-
Лишен од слобода 24 годишник од Кочани за издржување казна затвор од 7 години
-
Приведен бегалец од затвор
-
Тетовец со „тигуан“ шверцувал пиротехнички средства на Јажинце | ФОТО
-
Кражба на струја во Кавадарци