Македонија
10. January 2022 - 16:44

Битолчани ја поминаа ноќта на отворено по силниот земјотрес во леринско

22:43 часот. Силен земјотрес од 5.6 степени по Рихтер ја потресе Битола. Епицентарот на неколку километри од Лерин, во непосредна близина на македонско-грчката граница. Битолчани, особено оние во зградите, вознемирени и во паника излегоа од своите домови на улица. Околу полноќ невообичаена раздвиженост во градот, редици од автомобили на бензинските пумпи. Некои полнеа гориво за да ја поминат ноќта во автомобилите, имаше и такви кои заминаа надвор од градот.

Особено потресени беа оние на повисоките катови од зградите. Обиколувајќи ги улиците низ градот, ја видовме оваа слика. Запалија оган за да се стоплат на ладното, стравот се уште беше голем за да се вратат во своите домови. Пред нашата камера раскажаа за моментот кога се стресе земјата.

Вознемирени беа и домашните миленици.

Материјална штета има. Распукани ѕидови, тавани, искршени чаши, паднат мебел. Земјотресот дораспадна и неколку стари напуштени куќи низ градот. Паднати производи од рафтовиите во продавниците.

Тлото се треси постојано. Единствено со поголем интензитет беше вториот земјотрес, 10 минути после првиот, чиј епицентар исто така беше во близина на Лерин, со магнитуда од 4.2 степени, додека другите се 3 или 2 степена.