Македонија
21. January 2022 - 12:25

Битола: Зголемен интензитет на работа во битолската Брза помош

Енормно е зголемен бројот на пациенти кои се јавиле во дежурната амбуланта на Итната медицинска помош во Битола од почетокот на годината па досега. Во просек за едно деноноќие имале и над триесетина пациенти. После празниците, особено бил зголемен бројот на пациенти сомнителни на Ковид-19. 

-Од 6 до 15 јануари е зголемен бројот на прегледи во нашата дежурна амбуланта и бројот на транспортирани до Клиничката болница Битола. Тоа се должи на празниците, собирањата, прославите.

Овие пациенти имале продожена кашлица, малаксаност, главоболка, течење нос, а кај некои и дијареа и повраќање.

- Пациентите коишто доаѓаат со полесна клиничка слика гледаме дека се вакцинирани пациенти. Во амбулантата доаѓаат и пациенти со тешка клиничка слика коишто се многу малаксани со високи температури, некогаш температурата оди над 39 и 39,5, а тоа се пациенти коишто не се вакцинирани и не примиле ниедна доза на вакцина“, вели Д-р Васе Николовска, Итна медицинска помош - Битола. 

Зголемен бил и бројот на пациенти коишто бараат домашни посети.

-Во некои денови имаме и 25 посети за 24 часа, а некогаш и 20 посети за само 12 часа. Покрај пациентите кои не се од ковид, вршиме посета и на пациенти дијагностицирани со Ковид, заштитени сме со облека, вели д-р Николовска.

Од Итната медицинска помош во Битола велат дека во последно време особено е зголемен и бројот на пациенти со срцеви заболувања и со висок крвен притисок, но и пациенти кои што имаат проблеми со дишните патишта, хроничен бронхит, астматични напади, пациенти со мозочни удари и други заболувања.