Македонија
24. March 2021 - 12:38

Битола станува ново ковид жариште

Се зголемува бројот на позитивни на Ковид-19 и во Битола. Според вчерашните статистики, Битола со 57 нови случаи беше веднаш зад Скопје. Се зголемува и бројот на хоспитализациите на ковид пациенти во битолската болница, а утринската бројка беше 86 хоспитализирани пациенти, од кои поголемиот дел се во тешка состојба. 

- 75 пациенти се на перманентна кислородна поддршка, голем дел се во тешка клиничка состојба, се зголемуваат бројот на хоспитализации, но има голем прилив и на инфектолошката амбуланта, за ковид позитивни, сега засега имаме слободни капацитети, но плановите се прават согласно потребите, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Од минатата недела отворен е и дополнителниот ковид оддел во физикалното одделение, а пациентите се распределени на двата оддела. Подготвена е и модуларната болница.

- Модуларната болница е спремна во секој момент како дополнителен капацитет ако се појави потреба, ако условите го дозволат тоа, но и состојбата на пациентите, можно е и трансфер.

Но, како што вели директорката, капацитети има, но не е доволен персоналот во Инфективното одделение па затоа цела година работат по принцип на ротации.

- Се ротира, се уште успеваме да се снаоѓаме, но со дополнителните капацитети ќе дојдеме до редукција на одредни одделенија, вели Гагачовска.

Бројот на активни случаи во Битола за последните две недели е зголемен двојно и достигна 472. На последниот состанок на Општинскиот кризен штаб беше заклучено дека станува збор за широка распространетост на вирусот, а празничните групирања во домовите и угостителските објекти, рестораните и кафулињата, дополнително го зголемуваат ризикот од пораст на бројот на новозаболени од Ковид-19.