Македонија
18. December 2015 - 8:44

Битола го одбележува Денот на заштитникот на градот Свети Нектариј Битолски

Општина Битола и Преспанско-пелагониската епархија, синоќа и утрово го одбележуваат 18 декември, денот на Свети Нектариј Битолски, светецот и заштитник на градот.

Според востановената традиција, синоќа во Битола се одржа Духовна академија во чест и слава на Преподобен Свети Нектариј Битолски, а пред присутниот аудиториум празникот го честитаа градоначалникот Владимир Талески и митрополитот Преспанско - пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г.Петар.

- Ова е вечер, за животот и делото на свети Нектариј, за радоста и љубовта небесна што ја носел.  Низ документарниот филм „Заштитник“, сниман во Битола, но и во Света Гора, градината на Мајката Божја Богородица, ќе посочиме каде нашиот Св.Нектариј ја извојувал најважната победа за секој човек, а тоа е победата над смртта, истакна митрополитот г. Петар на синоќешната духовна академија што се одржа во Битола, а на која настапија и хоровите при храмот Пресвета Богородица „Св. Нектариј Битолски“ и „Св.Макрина“.

Според црковните преданија, Свети Нектариј Битолски потекнувал од благочестиво битолско семејство. Тој се замонашил на Света Гора, се упокоил во 1500 година, а неговите мошти кои биле откриени нераспаднати биле положени во ковчег воцрквата Јагарска келија на Света Гора.

Утрово продолжува одбележувањето на 18 декември, Денот на светецот заштитник на Битола, Свети Нектариј Битолски.

Митрополитот г. Петар со свештенослужители од преспанско-пелагониската епархија, во Храмот Свети Великомаченик Димитриј одржуваат литургија, а во  10.30 часот  ќе биде одржана Литија низ битолските улици. Свечените активности ќе бидат заокружени со прием на митрополитот г.Петар во кабинетот на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески