Балкан
23. July 2015 - 8:45

Би-Би-Си: Предвремени парламентарни избори во Грција се „многу веројатни“

Предвремени парламентарни избори во Грција, следните неколку месеци, се многу веројатни, оценува Би-Би-Си, објаснувајќи го тоа со кризата која настана во владејачката партија Сириза и потребата нејзиниот лидер и актуелен премиер, Алексис Ципрас да ја зацврсти својата позиција, откако мораше да прифати договор со грчките кредитори и еврозоната.

Според Би-Би-Си, доколку Ципрас се одлучи на еден ваков чекор, речиси сосема е сигурно дека одново ќе извојува уверлива победа.

Овој британски медиум смета дека тој и натаму е исклучително популарен, иако беше принуден да направи целосен пресврт во своето дотогашно спротивставување на ЕУ и на еврозоната, за да се спаси земјата од финансиски и економски колапс.

Сигурната победа на Ципрас и на евентуалните предвремени избори, може да се очекува затоа што, во овој момент, тој практично, нема опозиција во Грција, прво со маргинализацијата на ПАСОК, а потоа и на Нова демократија, без разлика што таа останува најбројна опозициска партија.Освен тоа, Грците ја почитуваат неговата „борба во Европа„ во одбраната на „националното достоинство„ во текот на должничката криза.

Сега тој е повеќе ангажиран околу партиските бунтовници, од крајното левичарско крило на Сириза, зашто 32 од неговите 149 пратеници, меѓу кои и поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, гласаа против сопствената влада во Парламентот, кога минатата недела се одлучуваше за прифаќање на европските реформи, во замена за спасувањето на Грција, додека шестмина други беа воздржани.

Бунтовничките пратеници ја намалија подршката што Ципрас ја имаше во владината коалиција,па сега тој може да смета само на 123 пратеници, три повеќе од минималната бројка од 120 членови на Парламентот, потребни за подршка на една малцинска влада.

Ципрас јавно ги критикуваше своите критичари од левичарскиот блок на Сириза, обвинувајќи ги дека се сокриваат зад неговиот потпис во Брисел, не нудејќи ништо како алтернатива.

„Се изнаслушав херојски говори овие денови,но не видов ниту еден предлог, наспроти она што го договорив со кредиторите, рекол грчкиот премиер во Атина.

Сите бунтовници може да бидат исклучени од партиските редови, или тие самите да направат партија или посебна група во Парламентот, а тоа да биде поводот за свикување нови избори, за да се прочисто владејачкото мнозинство, но Би-Би-Си оценува дека на премиерот Ципрас, претходно му е потребно да помине и вториот пакет реформи, во финансискиот и во правниот сектор.

Новиот грчки министер за финансии, Еуклид Цакалотос изјави за британските медиуми дека сега е „многу важно„ Парламентот да го прифати овој реформски пакет, што го договорија Брисел и владата, за да може да се почне со реализацијата на фианасискиот пакет со кој ќе се покрива грчата неликвидност и ќе се санираат домашните банки.

Пакетот помош од Европскиот механизам за стабилизација е тежок 86 милијарди евра и тој е наменет, пред се, за рекапитализирање на банкте во Грција, за отплата на долговите и за плаќање на каматите, што според ББЦ наведува дека Атина сега е подалеку од „грекзитот„ односно од излегувањето од еврозоната.