Македонија
22. September 2023 - 16:34

Без ТЕ-ТО ќе се случи ценовно цунами со парното во Скопје - Нова цена нема да има се до поставување на топловодите под Беласица

На скопјани им се закануваат жешки сметки за парно оваа зима. Се ќе зависи од тоа дали ЕСМ ќе успее да ги постави новите цевки на опожарениот мост Беласица. Додека Град Скопје и ЕСМ си ја префрлаат вината, се поизвесно станува дека новата грејна сезона ќе почне со големи проблеми кој ќе им се одразат на граѓаните. На разум повикува и првиот човек на регулаторна, кој предупредува на ценовен шок за парно. 

Битката за мостот Беласица трае речиси половина година. Од пожарот до денес, мостот беше затворен, потоа се чекаше Обвинителството за да можат експертите ангажирани од градот да направат проценка, а откако ја завршија се наложи ЕСМ да ги отстрани цевките и да постави нови. Во меѓувреме Град Скопје го пушти за сообраќај, но само со две ленти. 

Од АД ЕСМ скоро еден месец чекаат дозвола од градските власти и нејасно е до сега зошто не ја добиле. Велат се подготвени за монтажа и тврдат дека нема да има проблеми со парно греење. 

- Опожарувањето на мостот не е причина за одложување на стартот на следната грејна сезона, која почнува во октомври 2023 и сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија. 

Од регулаторна веруваат дека нема да има поскапување на струјата оваа зима, но велат сепак зависи од цената што ќе ја понуди ЕСМ.