Без напредок заврши уште една средба на македонските и бугарските историчари
Без напредок заврши уште една средба на македонските и бугарските историчари.
По разговорите вчера и завчера во Скопје од двата тима информираат за различни прашања кои биле во фокусот, но заклучокот на двате страни е ист – договор нема.
Стана збор за предлог-препораките за македонските учебници за VII одделение, а патем се дискутираше и за евентуални заеднички чествувања, при што до израз дојдоа различните позиции на двете страни, соопштија од македонскиот експертски тим, кој по променетиот состав трет пат седнува на заедничка маса со бугарските колеги.
Оттаму сепак посочуваат дека средбата поминала во динамична и конструктивна атмосфера, а во духот на градење доверба, македонскиот дел од Комисијата настојува да одржува проактивен пристап.
Во фокус на соопштението на бугарските историчари е дека нема напредок за темата Охридска архиепископија.
Средбата заврши во „досега познатиот“ тон и без напредок на деликатната тема Охридска архиепископија во учебниците за VII одделение во Северна Македонија, за која се расправа повеќе од две години. Бугарската страна предложи за дискусија неколку историски личности со јубилеи во 2025 година, но на инсистирање на претставниците во комисијата од Република Северна Македонија, темата беше одложена за следниот состанок, информира бугарската страна.
Речиси истите информации беа објавени и по претходната средба која кон крајот на минатата година се одржа во Софија, а отворените прашања ќе се разгледуваат и на следната средба која таму ќе се одржи во текот на април.
Мешовитата историска комисија која произлезе од договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија досега има одржано 34 средби. Претходниот состав на македонски историчари досега со бугарските колеги усоија препораки за заедничко чествување насветите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски, свети Климент Охридски и цар Самуил и пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија. Отворено останува прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев, прашање за кое двете страни имаат целосно спротивни ставови.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар