Македонија
26. October 2018 - 12:26

„Без изговори“ – нова кампања на РСБСП

„Без изговори!“ е новата кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, која изминатите недели беше најавена преку тизер-кампања, а чија цел е да ја подигне свеста за последиците од сообраќајните незгоди кај секој поединец преку континуирана едукација за важноста и потребата од целосно, максимално и безусловно одговорно учество во сообраќајот, како и да влијае на дисциплираното однесување, кога станува збор за почитување на правилата и прописите.

Како што соопштуваат од РСБСП, станува збор за нова едукативна активност која во себе содржи моќна порака дека не постои доволно важен и силен изговор да настрадаш и да го загрозиш својот живот или животот на некој друг учесник во сообраќајот како резултат на сопствената неодговорност.

-Во рамки на тизер кампањата што се реализираше изминатите неколку недели, беа презентирани само дел од изговорите кои учесниците во сообраќајот ги користат барајќи начин, пред себе и пред другите, да ги оправдаат своите лоши навики во сообраќајот. Но, ниту еден начин да се оправдаат постапките кои водат во смрт и ниту еден изговор, не се толку силни, колку желбата и потребата здрав и жив да се вратиш дома, псоочуват од РСБСП.

Најчести изговори, односно причини за сообраќајни незгоди се: возење со брзина поголема од дозволената, возење под дејство на алкохол, употреба на мобилни телефони и уште многу други.

Некои од возачите знаат да кажат: „Моја одлука е да не користам појас додека возам во автомобил“ или „Моја е одлуката да не застанам на пешачки премин“. Ова се само дел од бизарните изговори. Но, дали твоја одлука е да учествуваш во сообраќајна незгода што може да заврши со тешки телесни повреди или смрт? Безбедното и одговорното учество во сообраќајот, не се право на избор, туку обврска и не познаваат изгвори и извинувања.

Статистиката, за жал, покажува дека изговорите сѐ уште се наша лоша навика. Големиот број сообраќајни незгоди што се случуваат секојдневно се показател за тоа.

Сообраќајната статистика на РСБСП покажува дека во првите девет месеци од 2018 година, 100 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во споредба со минатата година, оваа бројка е намалена за 10%.

-Да не дозволиме сообраќајот од нужна потреба да се претвори во нужно зло на современото живеење. Потребата од одговорно учество во сообраќајот е јасна и тука нема изговори. Тоа подразбира почитување на сообраќајните правила и прописи, секогаш и секаде, порачуваат од РСБСП. 

Ново на Сител